ДОМ остро се спротивставува на предложениот ДУП за Расадник и апелира до сите советници во општина Кисела Вода, да го следат јавниот интерес за хумано и квалитетно живеење и да не го усвојат ДУП-от, соопшти партијата.
– Според објавените информации во медиумите, во оваа населба се планира изградба на 100 згради во кои би можело да се вселат околу 20.000 станари. Тоа е соодветно на вкупниот број жители на еден помал град, како Делчево или Ресен! Предложениот ДУП неколкукратно ја надминува густината на жители предвидена со ГУП-от на град Скопје. Според Законот за просторно и урбанистичко планирање, ДУП-от мора да е во согласност со ГУП-от. Дополнителен проблем би претставувало и обезбедувањето соодветна комунална и сообраќајна инфраструктура за толку голем број жители. Укажуваме и на обврската за почитување на одредбите од Законот за урбано зеленило, за заштита на зеленилото и обезбедување најмалку 20 отсто зеленило на градежна парцела, соопшти ДОМ и додава дека имајќи го предвид ургентниот проблем со аерозагадувањето и климатските промени, ДОМ предлага наместо градежна, зелена експанзија во Расадник. Наместо нови згради, да се направи парк во овој дел на градот.