Наградата „Роберто Беличанец“ доделена на изданијата на Метаморфозис

117

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) вечерва ја додели наградaта „Медиум промотор на новинарството како јавно добро – Роберто Беличанец“ 2019 на изданијата на Фондацијата Метаморфозис.

Уредникот на Вистиномер, Владимир Петрески се заблагодари на наградата и истакна дека во изминатиот период работеле заедно на теми важни за македонското општество и на проекти, како што е Проверка на фактите во медиумите во Македонија, а најнов проект на Метаморфозис е Проверка на фактите во регионот.

Горан Ризаов, раководител на медиумски проекти во Фондацијата Метаморфозис потенцира дека оваа награда за нив е големо признание.

– Ова е признание за мокотрпната работа во последната година и ова е доказ дека мали редакции кога работат заеднички сплотено оти имаат сили, имаат моќ да постигнат големи нешта. Се разбира почитувајќи ги професионалните новинарски стандарди кодексот на новинари на Македонија, но и применувајќи иновативни алатки на презентација на содржините како што се визуелизации на податоци, графички приказ на содржините специјализиран на медиуми и кратки видеа – изјави за МИА Ризаов.

Пред доделувањето на наградата имаше панел дискусија на тема „Како до медиуми кои го третираат новинарството како јавно добро?“…

Наградата „Медиум промотор на новинарството како јавно добро – Роберто Беличанец“ почна да се доделува од 2018 година, а го носи името на прерано починатиот борец за слобода на изразување и експерт за медиуми, Роберто Беличанец.

ССНМ ја доделува во партнерство со Македонски институт за медиуми – МИМ, Институтот за комуникациски студии и Media Diversity Institute од Лондон во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, поддржан од ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...