Во Собранието во дебатата за промена на изборниот модел иницирана од 15 пратеници, сите предлагаа една изборна единица и отворени листи, но се со задршка дека за ваква промена ќе нема време да се случи до претстојните парламентарни избори на 12 април 2020. Исто така, тие предлагаа и 50 отсто од кандидатите на листите да бидат жени.
Пратениците посочија и дека не би гласале за никакви други измени на Избрниот законик, ако не се прифатат нивните предлози за промена на изборниот модел.
На ваквите ставови жестоко реагираше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова која рече дебатата е фарса ако и натаму велиме дека нема време за промена на изорниот модел. Напротив, рече таа, сега е вистинско време за промена која е во интерес на граѓаните.
На дебатата беше присутен и премиерот Зоран Заев, кој во изборните кампањи ветуваше реформа на изборниот модел. Тој го поддржа ставот дека сега е вистинско време за промена на моделот и дека нема никакви законски пречки да не се случи тоа ако Собранието иницира таква промена.
– Ние се залагаме за една изборна единица, а за локалните избори да имаме отворени листи. На овој начин ќе се демократизира државата иако е јасно дека на овој начин добива демократијата, а губи партијата. Сакам како претседател на најголемата политичка партија да испратам порака до ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, да размислат внимателно има секако и кај нив демократски капацитети, а добиваат сите од оваа работа, ако некои губи прво ќе изгуби СДСМ, па ВМРО-ДПМНЕ и верувам понатаму не губат политичките партии, напротив само добиваат. Но, ќе добие демократијата, ќе добие значење концептот едно општество за сите.
При овие околности дадов денеска сериозно охрабрување и до албанските политички партии кои дел беа овде, не смеат да се откажуваат од традиционалните гласачи во 3 и во 4 ИЕ, затоа што кога ќе биде 1 ИЕ, тие ќе дојдат на нивното конто. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе можат навистина да ги измерат своите сили уште почесно, и ова го зборувам во момент кога СДСМ има многу посериозен коалициски капацитет и тоа граѓаните го препознаваат. Трето, опцијата за коалициски настап останува, и на крајот потврдив и на оваа дебата дека Парламентот може да смета на СДСМ преку глас на пратениците за Изборниот законик – рече Заев.
Премиерот очекува консензус, исто како и за датумот на изборите.
– Да се направат обиди и со ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, АА, БЕСА, ДПА и сите политички партии да се направи обид, но секако на крајот Парламентот гласа, јас незнам дали со пратениците на СДСМ ќе имаме 61, не сме правеле математики ниту знам, но иницијаторите нека направат пресметки, нека разговараат. Јавно потврдувам дека СДСМ застанува позади една вакава прагматично-формална иницијатива преточена преку законот за да можеме да направиме унапредување на севкупната демократија во нашата земја – рече Заев.