За Песков, Парискиот договор ќе биде загрозен оти САД емитуваат најмногу штетни гасови

138

Тешко е да се зборува за ефикасност на Парискиот договор за климатски промени ако Вашингтон се повлече, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој додаде дека Договорот од Париз сигурно ќе биде загрозен, бидејќи САД се земја која емитува најмногу штетни гасови.

– Секако е многу тешко да се зборува за Договор за климата без најголемата светска економија – посочи Песков.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера изјави дека предал официјално известување до Обединети нации, со што започнува процесот на повлекување, што трае една година.

Помпео Парискиот договор го нарече „економски нефер товар“ за американската економија.

Околу 200 држави го потпишаа Парискиот договор за климата, според кој секоја земја поставуваше цели за намалување на емисиите на штетни гасови, што доведуваат до климатски промени.

САД се прва држава која се повлекува од Парискиот договор.

Американскиот претседател Доналд Трамп на средината од 2017 година донесе одлука за повлекување од Договорот за климата, но не беше возможна реализација бидејќи Договорот забранува повлекување на земја во текот на првите три години од ратификацијата.

Повлекувањето на САД од Парискиот договор ќе стапи во сила еден ден по претседателските избори на 4 ноември 2020 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...