Преместување во најбрз временски период на малолетните осудени лица од затворот во Охрид во Воспитно – поправниот дом Тетово, забрзување на изградбата на притворското одделение во рамките на КПУ Идризово, подобрување на третманот за ресоцијализација, обезбедување на 24 часовна здравствена услуга за осудените и притворените лица, се дел од предлог-заклучоците од јавната расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во врска со состојбата во казнено поправните установи во државава.
Претседателот на собраниската комисијата, Фадил Зендели рече дека во заклучоците е истакната потребата за зголемување на финансиите на казнено – поправните установи за да се овозможи соодветно управување и подобрување на условите во затворите за осудените лица, како и да се зголеми можноста на осудените лица за контакт и комуникација со семејството.
– Потребно е да им се овозможи на осудените лица работен ангажман и други активности преку општествено корисна работа во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Да се испитаат и санкционираат наодите за присутна корупција во затворите, како и испитување на понижувачко постапување кон затворениците – истакна Зендели.
Во заклучокот е наведено дека Комисијата и понатаму ќе ја следи состојбата на затворите и дека преку редовни контакти и состаноци ќе се информира за преземеното и спроведеното од предложените заклучоци.
Членовите на Комисијата немаа забелешки на заклучоците, освен неколку дополнување.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојловски рече дека во заклучокот за преместување на малолетните осудени лица во Воспитно – поправниот дом Тетово да се додаде дека е потребно тоа да се направи во најбрз можен временски период бидејќи, како што рече, објектот веќе неколку години е подготвен за да ги прими осудениците. Тој побара во секоја казнено – поправна установа да има директна здравствена заштита, а не преку здравствените домови.
Неговата сопартијка Слаѓана Митовска предложи дополнување на заклучокот во однос на вработувањето на педагози и психолози каде, според неа, треба да се дополни со вработување на дипломиран социјален работник. Таа побара и дополнување на една од точките за изготвување на програмите за отпус и реинтеграција со додавање на создавање на услови за ресоцијализација.