Вашите горчина и разочарување се и наши бидејќи и ние сме убедени дека имаме заедничка иднина која се нарекува ЕУ. Во овој важен момент треба да знаеме дека ова не е блокада туку мал застој бидејќи огромен број на земји, влади, европски институции се убедени дека С.Македонија треба да ги започне преговорите што е можно поскоро.
Ова го порача новиот претседател на Европскиот парламент, Давид Сасоли, од говорницата во Собранието каде утрово имаше свое обраќање.
– Имаше забелешки и резерви искажани од страна на некои земји, но убедени сме дека нивните размислувања ќе бидат повторно разгледани и дека разочарувањето во С.Македонија и Албанија треба да се надминат со храброст – рече Сасоли.
Тој испрати јасна прака дека Западен Балкан треба да е дел од ЕУ бидејќи земјите имаат заднички историја, традиција и чувства како и оние кои се дел од Унијата.
– Тоа што се случи во Европскиот совет некои го нарекоа историска грешка, јас претпочитам да кажам историски застој – рече Сасоли порачувајќи дека ЕУ мора да го заврши својот дел од работата, а земјава да продолжи по патот на ЕУ интеграциите.
– Вие направивте голем напор, дури го сменивте и уставното име, немојте да жалите поради тоа што сте го направиле. Тоа беше важна работа со која треба да се гордеете и ја покачува вашата храброст и ќе ви овозможи не само интеграции во ЕУ туку и во североатланската алијанса – рече Сасоли.
Претседателот на ЕП зборуваше и за младите. Тој рече дека имал средба со група млади во земјава и дека тие се оние истите кои ги има и во државите од ЕУ и апелираше да не дојде до нивно разочарување.
– Тоа беа истите тие млади кои ги среќавам во државите од ЕУ, тоа се младите кои минатиот месец ги сретнав во Финска. Тие имаат исти страсти, визии, но и ист бес затоа што сакаат да живеат во подобар свет. Да им објасниме на младите, да ги убедиме дека овој пат мораме да ја доведеме С.Македонија до преговори – порачи Сасоли.
Тој рече дека голем впечаток му оставиле и средбите со пратениците бидејќи го почувствувал нивната заедничка желба за почеток на преговорите, како и заеднички став за европската ориентација на земјава.