Ситуацијата на Северна Македонија е посебна, бидејќи нејзините историја и културно наследство се стари, но сепак државата е една од најмладите во светот. Предноста што ја имате е што вие можете да бидете дел од таа историја без да ги повторите грешките на другите.
Ова го порача денеска потпретседателката на Сенатот на Франција, Елен Конве-Муре, која денеска и утре престојува во официјална посета на Северна Македонија.
Таа говореше во Министерството за надворешни работи на предавањето на тема „Француската политика во областа на одбраната: Европа и НАТО“.
Конве-Муре истакна дека можеби слабост на земјава е што, како што рече, не е доволно позната и поради тоа е подложна на клишеа.
– Но ние ве познаваме, јас сум среќна со политичкото, културното и образовното присуство во вашата земја, благодарение на амбасадорот и неговите активности и на Институтот и културниот центар – рече таа.
Говорејќи за европската одрбана истакна декла стратешка цел е автономија на таа одбрана, изградба на европска одбрана, со цел земјите сами да си ја гарантираат безбедноста.
– Основното мото на САД е мултилатеризмот, но по 45 години пополека ја разградуваат таа цел и се повеќе бараат од меѓународните инстанци да управуваат со тие сфери, се чини повеќе САД не сакаат да бидат главниот полицец во светот и сакаат самите земји повеќе да се занимаваат со својата бвезбедност, како што е случајот во Сирија, Турција… – рече таа.
Таа нагласи дека Европа не може само да биде набљудувач во играта на големите играчи, без при тоа да има своја тежина.
– Искрено мислам дека можевме да го избегнеме насилството на Турција врз Курдите – додаде Конве Муре и напомена дека Франција во моментов издвојува 1,7 отсто од БДП за одбраната, но потенцира дека прашањето не е дали ќе се зголемат тие трошоци, туку како ќе се екипираме, каков вид на опрема ќе користиме и против каков непријател ќе се бориме.
Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски на дебатата истакна дека смета оти земјава е подготвена да стане 30-та членка на НАТО и оти треба да ги почне преговорите за членство во Европската унија, да преговара под променет процес на мониторирање за да стане членка, затоа што, како што вели таа таму припаѓа. За да ги оствари овие цели, вели Жерновски, актуелната Влада донела многу тешки одлуки
– Имаме највисоко ниво на институционална подготвеност за да бидеме 30 земја-членка на НАТО. Очекуваме протоколот да го ратификуваат уште Франција, Шпанија и Холандија. Се надеваме дека поради изборите во Шпанија нема да се пролонгира тој процес – рече заминик-министерот за надворешни работи.
Тој додаде дека земјава де факто е дел од Алијансата и оти се очекува и де јуре да стане членка.
Жерновски смета дека нема алтернативни решенија во замена за ЕУ. Нашата перспектива, додава, е многу јасна. Доколку сите земји од Западен Балкан се опкружени и се граничат со земји од Унијата не гледа логика и ние да не станеме дел.