На изборот на државниот ревизор му треба ревизија!

Додека за СДСМ нивниот предлог Адем Цури само треба да помине на пленарна седница, од ДУИ одбиваат да коментираат дали и натаму ќе инсистираат на Насер Адеми, бидејќи како што веќе брифираа тие треба да го дадат предлогот за прв човек на ДЗР.

547

Дали Адем Цури е новиот државен ревизор кој како предлог на СДСМ поминал на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата или допрва ќе се бара ново име за прв човек на Државниот завод за ревизија, е најновиот проблем за кој ќе се судрат социјалдемократите наспроти ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, брифираат за Плусинфо од партиите.

Претседателот на Комисијата Илија Димовски минатата недела ја прекина седницата за таа точка откако за Цури гласаа 6 членови на комисијата, ДУИ ја напушти салата револтирана оти не помина нивниот предлог Насер Адеми којшто ја извршуваше функцијата заменик државен ревизор, да биде новиот ревизор, а ВМРО-ДПМНЕ гласаше против.

Токму бројот на гласовите за Цури сега ќе биде новиот камен на сопнување за изборот на новиот ревизор. Од СДСМ велат дека за нив Цури поминал на Комисијата и сега само претседателот на Собранието Талат Џафери треба да го стави на гласање на пленарна седница. Образложението на СДСМ е дека според Деловникот Цури веќе е избран за предлог за државен ревизор бидејќи за него гласале 6 членови, а 5 членови биле против, дека тој поминал зашто добил мнозинство, односно една третина гласале за него.

Поради ова, велат од СДСМ за нив нов ревизор треба да биде Цури и не гледаат потреба ова прашање да се стави на маса пред партиските лидери, за тие да најдат решение, како што навести претседателот на Комисијата Димовски. СДСМ сега бара правно толкување на членовите од Деловникот. Но според друг член од Деловникот за Цури да помине треба да гласаат 7 од 13-те члена на комисијата.

И додека за СДСМ Цури само треба да помине на пленарна седница, од ДУИ одбиваат да коментираат дали и натаму ќе инсистираат на Насер Адеми, бидејќи како што веќе брифираа тие треба да го дадат предлогот за прв човек на ДЗР.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека допрва Комисијата ќе треба да утврди предлог кој ќе биде новиот ревизор и наспроти математиките на СДСМ, седницата за избор на првиот човек на Ревизија, Димовски ќе ја закаже по враќањето од Франција каде до четврток е на состанок на Комитетот за цивилната димензија на безбедноста на НАТО и откако повторно ќе се консултира со партиите.

Од СДСМ брифираат дека на последната седница на Комисијата, ДУИ во последен момент го предложиле Адеми откако социјалдемократите излегле со предлог – Албанец да биде на чело на ДЗР. Инаку според СДСМ, договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ бил ревизорот Максим Ацевски да биде новиот државен ревизор.

Димовски на последната седница на Комисијата посочи дека во моментот власта нема мнозинство во комисијата, по што на барање од пратеникот Мухамед Зекири ја прекина работата на Комисијата.

– Ќе ги информирам и господинот Џафери и господинот Заев, Мицкоски и другите претседатели на парламентарните политички партии за конструктивно да најдеме решенија за клучните државни институции. Посебно да обрнеме внимание за решенија кои што ќе ја имаат довербата на сите пратеници – изјави тогаш Димовски.

По седницата членот на Комисијата од СДСМ, Мухамед Зекири преку Фејсбук ја обвини ДУИ зошто Цури не бил избран за државен ревизор.

– ДУИ продолжува да работи против интересите на Албанците. Доказ за тоа беше денешното дејствување на нивниот заменик Ејуп Алими во комисијата кој без гласање го напушти состанокот, спречувајќи професионален Албанец како Адам Цури да биде избран за директор на Државниот завод за ревизија – објави потпретседателот на СДСМ.

Државниот завод за ревизија веќе две години е без директор. Неговиот избор е неопходен и поради одржување на најавените предвремени парламентарни избори.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...