Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, е единствениот од обвинетите во „Титаник 2“ кој денеска не се појави на седницата во Апелацискиот суд Скопје лично да ја обжали првостепената пресудата со која тој е осуден на 3 години и 2 месеци затвор. Него го застапуваше само адвокат.
Останатите пет обвинети, меѓу кои и Сашо Мијалков, со своите адвокати утрово пристигнаа во второстепениот суд. Предметот се однесува на договорање на гласање во ДИК за приговори на ВМРО-ДПМНЕ за време на локалните избори во 2013.
Овој предмет пред Апелација денеска го застапуваше обвинителката Соња Симовска од Вишото јавно обвинителство наместо Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. Ова следува затоа што сите предмети на СЈО, како и обвинители, сега се дел од редовните обвинителства, а законот за јавни обвинителства налага дека предметите пред второстепениот суд го застапува виш обвинител.
Адвокатот на Тачи не зборуваше за пресудата на јавната седница туку само посочи дека останува на писмената жалба која ја поднел.
Ексчленот на ДИК, Бедредин Ибраими, пред Апелациските судии се жалеше дека му било повредено правото во кривичната постапка бидејќи од Кривичниот суд не му биле прифатени докази, за обвинителите рече дека биле ненадлежни. Тој се повика и на пресудата од Управниот суд која ја потврдила одлуката на ДИК за прифаќање на приговорот на ВМРО-ДПМНЕ. Ибраими го оспоруваше и разговорот со Тачи, кој го изведе СЈО како доказ и вели дека не бил само тој разговор во кој лидерот на ДПА бара да гласа за приговорот.
– Не е само еден разговор помеѓу мене и Тачи. После тој разговор имаше уште два разговори, се прашувам зошто обвинителите не ги изведоа тие. Во вториот му реков на Тачи „знаете ли вие кого сте испратиле во ДИК?”. Му реков дека нема шанси јас да одлучам нешто ако не сум убеден во тоа и го прекинав разговорот. Во третиот разговор Тачи ми кажа „извини и одлучи по твое убедување” – рече Ибраими.
Ибраими ја спомена и „бомбата“ која ја објави Ел Чека, а е разговор помеѓу Радмила Шекеринска и Фатмир Бесими од ДУИ, алудирајќи дека кога Шекеринска зборува дека имаат три гласа од кои третиот е токму од него за кој таа вели дека е принципиелен.
– Имаше објавено идентичен разговор меѓу Шекеринска и Фатмир Бесими. Шекеринска вели „имаме обезбедено три гласови, ни треба уште еден глас, тоа е гласот на вашиот член”. Кој беше третиот сигурен глас на страна на СДСМ на истите избори во 2013, знаејќи го составот на ДИК? Тројца членови тогаш беа од ВМРО-ДПМНЕ како власт, двајца од СДСМ, еден од ДУИ и јас од ДПА. Ако таа бара членот на ДУИ принципиелно да гласа бидејќи им треба уште еден четврти глас, тогаш кој бил третиот принципиелен глас на кој сметал тогаш СДСМ? – рече Ибраими.
Во моментов жалбите ги образложуваат и другите обвинети членови на ДИК и нивните адвокати кои меѓудругото ја оспоруваат автентичноста на бомбите како и тоа дали тие може да бидат докази ако се незаконски прибавени. Во овој предмет Ибраими ја доби највисоката казна со првостепената пресуда – четири години и шест месеци затвор.
Од останатите обвинети Сашо Мијалков доби казна затвор од три години, исто толку добија и тогашните членови на ДИК Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, додека лидерот на ДПА Мендух Тачи доби три години и два месеца.