Али Ахмети, лидерот на ДУИ и Муса Џафери, поранешен вицепремиер во новиот аудио разговор што на Фејсбук пред малку го објави кичевецот под псевдоним Ел Чека разговаараат за протестите што во 2012 година ги оргнизираше Руфи Османи, поранешен градоначалник, а по двојното убиство во Гостивар во кое жртви беа двајца млади Албанци, кои во расправија за паркинг место беа застрелани од полицаец Македонец.
Во разговорот Ахмети и тогашниот вицепремиер Муса Џафери искажуваат стравување да не дојде до ескалација на протестите и со пцовки и погрдни зборови зборуваат за тогашниот градоначалник Османи.
Ахмети му порачува на Џафери, кој во тој период планирал да ја посети Албанија да му пренесе на тогашниот премиер Сали Бериша да интервенира кај Мендух Тачи, лидерот на ДПА да не се вклучува во протестите.
Од Јавното обвинителство во повеќе наврати досега за Плусинфо изјавија дека го следат внимателно објавувањето на неовластено прислушкувани и снимени разговори на Фејсбук профилот на Ел Чека и дека постапуваат согласно своите надлежности.
Од таму потсетуваат дека секое објавување на неовластено прислушкувани разговори е кривично дело согласно член 151 став 2 од Кривичниот законик, во кој е пропишана казна затвор од 1 до 5 години за секој што „ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана“.
Кичевецот што стои зад профилот „Ел чека“ уште на почетокот не го криеше својот идентитет. Како што објави Плусинфо тој потекнува од селото Туин, Кичевско, а уште кога ги постави на Фејсбук првите „бомби“ и бараше меѓународна истрага за случајот „Диво Насеље“, јавно испраќаше пораки до функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и до Бекир Асани дека ќе продолжи со објавување снимки, а се закануваше и дека ќе ги испрати и до ЦИА и до Американската амбасада во Скопје.