– Секогаш од овде ја црпам енергијата, од мојот град, од моите сограѓани. Вие сите ми ја давате позитивната енергија. Памети Струмица како сакаа духот да ни го уништат за време на режимот, но секогаш наоѓавме начин да изнедриме нова сила. Оваа полна сала вечерва испраќа силна порака, Струмица била, Струмица е и Струмица ќе продолжи по прав пат. Ја охрабруваме целата држава да продолжи по прав пат – рече Заев пред струмичани.
Заев истакна дека во ова време кога се носат одлуки како да се продолжи понатаму, додека, како што рече, целиот свет и сите европски лидери жалат за историската грешка, само Мицкоски и неговиот ментор Груевски се радуваат.
– И додека прават тајни пактови за други земји тврдат дека ќе ја носат ЕУ на брза лента. Каде им беше таа брза лента 11 години, дали цели 11 години им беше расипана? Па на најспоро да им беше вклучена, досега ќе бевме дел и од ЕУ и НАТО. Ама единствената лента на ВМРО-ДПМНЕ која експресно работеше, беше таа што од џебовите на граѓаните одеше до нивните џебови – рече Заев пред присутните во спортската сала во Струмица.
Членот на ЦО на СДСМ Венко Филипче се осврна на мерките што се спроведуваа спроведуваат за развој на здравствената заштита.
– На почетокот на наредната година сите жители од овој регион ќе имаат на рапсолагање најсовремена болница. Струмичката болница ќе добие најсовремен апарат за магнетна резонанца. Нема повеќе патување до Штип или Скопје туку сите здравствени услуги ќе ги добиваат тука во болницата во Струмица – истакна Филипче.
Членот на ЦО и министер за земјоделство, Трајан Димковски на граѓанската трибина најави дека преку Светска банка се обезбедени 6 милиони евра за изградба на откупен диструбитивно центар во Струмица, на површина од 6.000 квадрати.