Прв дојден, прв услужен: За вградување плин во возилата по 300 евра субвенции
loading...
Ако се вгради плински уред во возилата ќе може да се добие субвенција од Министерството за економија во висина од 50 отсто од цената, но не повеќе од 300 евра. Субвенции ќе има за 900 пријавени. Огласот ќе трае 30 дена и ќе се одвива по принципот прв дојден, прв услужен.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска рече дека во рамки на проектите за борба со аерозагадувањето, со ребалансот на буџетот за оваа намена се одвоени 15 милиони денари или 250.000 евра.
– За да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму откако ќе го вградат уредот треба да се упатат во Техничка служба која ќе ја констатира преправката и потоа да се пријават во Министерството за внатрешни работи. МВР треба да издаде нова сообраќајна во која е евидентирана преправката, односно дека е монтиран плински уред. Постапката од моментот на доѓање во техничката служба до издавњето на новата сообраќајна дозвола не трае повеќе од 2 до 3 дена – рече министерот Бектеши.
За добивање субвенција, до Министерството за економија треба да се поднесе фискална сметка со сметкопотврда или фактура, копија од сообраќајната дозвола за возилото заверена на нотар во која е евидентирана промената, фотокопија од лична карта и број на трансакциска сметка.