Стопанската комора на Македонија ја поздравува одлуката на Министерството за финансии за одложување на примената на Законот за данок на личен доход, како позитивен пример за услишување на барањата на бизнис заедницата, соопшти Комората.
– Комората на прес-конференција одржана на 14.10.2019 година упати јавен повик до надлежните институции да бидат преиспитани ефектите од воведувањето прогресивно оданочување. Ваквиот став се засноваше на резултатите добиени од анкетата и направената анализа од страна на Стопанската комора на Македонија за ефектите од воведувањето на прогресивното оданочување и зголемувањето на даночните стапки кај оданочувањето на доходот од капитал.
При тоа, се укажа дека позитивниот ефект од воведување прогресија врз буџетските приходи е далеку помал од очекуваните ефекти и негативно се рефлектира на вкупното бизнис окружување. Зголемувањето на стапките значи праќање на негативен сигнал како кај домашните, така и кај странските инвеститори и губење на компаративната предност и имиџот на држава со релативно ниски даночни стапки. Се укажа и дека зголемувањето на даночниот товар може да влијае на даночната евазија.
Во таа насока, Комората ја поздравува одлуката на Министерството за финансии да ја одложи примената на Законот за данок на личен доход, особено што истата е резултат на направените анализи и од страна на надлежното министерство, кои во најголем дел ги потврдија и согледувањата на Комората како најстара и најбројна бизнис асоцијација.
Стопанската комора на Македонија, останува на ставот дека за системски промени со финансиски импликации врз бизнисот, задолжително и континуирано мора да се спроведуваат јавни консултации и дијалог со Комората како застапник на реалниот сектор во државата, во насока на обезбедување поволно деловно опкружување и создавање применлива законска регулатива.