Претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, Илија Димовски денеска ја прекина расправата за избор на главен државен ревизор, бидејќи предлогот не доби мнозинство гласови.
Пратеникот Мухамед Зеќири го предложи Адем Цури за државен ревизор и за него гласаа шест од 12 присутни членови на Комисијата. Пратеникот Ејуп Алими, пак го предложи Насер Адеми којшто ја извршуваше функцијата заменик државен ревизор.
Во образложението за предлогот за Адеми, пратеникот Алими рече дека додека тој бил на раководно место во Државниот завод за ревизија имало позитивни оценки за работата на институцијата. Зеќири на тоа реплицираше дека не ја оспорува работата на Адеми, меѓутоа, како што рече, тој е 18 години на раководно место во институцијата и оти неговата кандидатура не е во согласност со барањата на ЕУ.
По гласањето Димовски ја прекина расправата за оваа точка и ги повика политичките партии да изнајдат начин да се договорат за изборот на државниот ревизор.
Државниот завод за ревизија е речиси две години е без главен ревизор, а мандатот на вршителот на должноста истече на 5 октомври.
Плусинфо веќе објави дека владините партнери СДСМ и ДУИ неможат да се договорат за првиот човек на државната ревизија.
Тогаш објавивме дека во заднина се меѓупартиски битки за таа позиција, дека партијата на Али Ахмети ќе инсистира со СДСМ одново да се договорат чиј кадар ќе треба да го пополни директорското место во Ревизија. Според ДУИ, при првичната поделба на колачот меѓу владините партнери, кога и Алијансата за Албанците била дел од власта, Државниот ревизор ѝ припаднал на партијата на Зијадин Села. По излегувањето на Села од владината коалиција, СДСМ таа позиција ја смета за своја, со што не се согласува партијата на Ахмети. Оттука ДУИ сега бара нов договор. За СДСМ не е спорно дека тие треба да пресечат за првиот ревизор.