За првиот човек на Кривичен судиите не се виновни што предмети на СЈО се враќаат на почеток

264

Враќањето на предметите, пред се оние на СЈО, не е по вина на судиите, објаснуваше претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев, откако како што посочија од судот одредени новинари, невладини организации и политичари давале забелешки изминатиот период на сметка на судот.

Според податоците кои ги изнесоа од судот, на почеток биле вратени само четири предмети на СЈО, случајот „Тортура“ поради промена на еден од судските поротници, а три други затоа што 90 дена не се одржало рочиште.

– Не може да се занемари дека овие 90 дена беа во време кога постоеше судската ферија, што трае од 15 јули до 15 август. Поради природата на работењето на Кривичниот суд и во тој период имаме итни судења, притворски предмети, во таа смисла работењето на  Судот се организира така што дел од судиите одморите ги користат во јули, дел во август. Ако се земе предвид дека можеби во тие два месеци, во тие 60 дена не може да се одржи судење остануваат да се објаснат уште тие 30 дена, како не случило некое судење и предметот почнал од почеток – рече Џолев.

Според првиот човек на скопскиот кривичен суд, рочишта се закажувале, а тоа што не се одржувале не било по вина на судот и судиите. Присутни биле и обвинителите, обвинетите, нивните бранители, но предметите се одложиле поради тоа што, како што посочи Џолев, во тоа време тогашните специјални обвинители лично барале да се одложат, бидејќи не знаеле какви овластувања имаат во однос на застапувањето на предметот. Тогаш, посочи тој, и шефицата на СЈО заврши во притвор, а се водеа и преговори за Законот за јавно обвинителство.

– На кого му одговараше ова и зошто не се најде политичка волја да се најде замена за Катица Јанева и да се донесат законите навистина не знам кој имаше таква корист, но губитници сме сите – рече Џолев.

Иако, судските статистики покажуваат враќање на почеток на само четири предмети на СЈО, тие се однесуваат на оваа година. Но, ако се погледне судбината на „специјалните“ случаи откако тие се влезени во судска постапка, ммониторингот на невладините организации покажува дека дури 11 предмети се вратени на почеток, а правосилни пресуди има само за пет предмети на СЈО.

Судските власти повикувајќи се на статистиките за 2018 и 2019 година, сметаат дека оствариле добри резултати, но посочуваат и дека тие се постигнати во ситуација кога има недостаток на судии. Во Кривичен потреби се околу 70 судии, а во моментов се 53, но од нив некои се на боледување, друг суспендиран и остануваат само 49 вкупно во сите оддели, како што се прекршоци, кривично полнолетни, организиран криминал…

Исто така, голема улога во целиот овој систем има и Судскиот совет од кој најголемиот суд сака поголема поддршка. Како што брифираат од судските власти, во висопрофилните предмети од судот се назначуваа и заменски судии и поротници, како што е „27 април“ и „Титаник“, што значи дека замениците присуствуваат на сите рочиште, па не можат да ги водат нивните предмети. Поради тоа, на крај тие добиваат послаби оценки од Судскиот совет за што судиите реагирале и се жалеле, но од Советот не попуштаат и не им прогледуваат низ прсти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...