Жените од Скопје на возраст до 65 години од понеделник ќе може да го проверат ризикот од срцеви заболувања во 20 ординации. Матичните лекари прво ќе треба да направат проценка на ризик-факторите, а оние пациентки кај кои истите ќе бидат утврдени, ќе бидат упатени на Универзитетската Клиника за кардиологија. Прегледите на Клиниката ќе се одвиваат од 15 до 18 часот, без закажување на „Мој термин“.
Со овие активности почнува Акцијата „Црвен аларм за женското срцево здравје“, со која ќе се јакне свесноста кај жените за опасноста од овие заболувања. За почеток, во акцијата ќе учествуваат околу 20 матични лекари од Скопје, на кои се очекува да им се придружат и други лекари од главниот град, но и од другите градови.
Овие матични лекари ќе треба да ги информираат и упатат помладите пациентки дека во нивните ординации ќе се проценува ризикот од срцеви заболувања кај жените до 65 години.
Само 45 отсто од жените во земјата знаат дека причина број еден за смртноста кај припадничките на понежниот пол се срцевите заболувања, според податоците на Институтот за јавно здравје.
Д-р Оливер Бушљетиќ, интервентен кардиолог и шеф на одделот за акутна кардиолошка нега на Универзитетската Клиника за кардиологија, каде кај 35.000 пациенти годишно се врши една од неинвазивните дијагностички процедури за навремена и точна дијагноза, појаснува:
– Во наредните три месеци одбрани матични и семејни лекари од Скопје ќе вршат кардиоваскуларен скрининг на жените без докажана КВ болест. Mатичните лекари прво ќе направат т.н. скор-ризик табела, односно на жените кои ќе се јават на преглед ќе им измерат телесна тежина, крвен притисок, ќе проверат дали жената е пушач, има ли зголемени триглицериди во крвта и друго. Оние жени кај кои ќе биде потврден среден или висок ризик од појава на срцево заболување, ќе ги упатат на Клиника. Иако во јавноста се смета дека срцевиот удар е „машка болест”, според светската статистика, повеќе жени ќе починат од срцев и мозочен удар, отколку мажи – вели д-р Бушљетиќ.
Тој, заедно со другите кардиолози од Клиниката, ќе им бидат на располагање на пациентките кои ќе бидат упатени на дополнителни прегледи на срцето.
Д-р Марија Валвукис, кардиолог во оваа установа, вели дека целта е кардиоваскуларен скрининг на оваа, условно кажано, здрава популација.
– Ќе организираме посебен систем на скенирање на Клиниката, вон тековниот процес и во посебни амбуланти, каде кардиолозите ќе вршат целосна проценка на ризик-факторите за срцеви заболувања. Ќе се прават ЕХО прегледи, ЕКГ, коронарен стрес тест, по потреба и лабораториски анализи, за рано откривање на атеросклерозата и срцева артериска болест. Жените во Македонија, за жал, имаат висок ризик од кардиоваскуларни заболувања, а целта е со овие прегледи, да го намалиме ризикот – нагласува д-р Валвукис.
Алармантни се податоците – дури 90 отсто од жените имаат еден или повеќе ризик фактори да добијат кардиоваскуларна болест, а иако се уште владее мислење дека мажите се позасегнати од овие заболувања, факт е дека во Македонија повеќе жени отколку мажи умираат од болестите на срцето.