МОН и СОНК ги продолжуваат преговорите, на средбата и Заев

Заев посочи дека платите на наставниците за време на мандатот на сегашната Влада се зголемиле за 10 отсто, а во преговорите со СОНК понудиле уште десет проценти покачување, што кумулативно пресметано би изнесувало 21,4 отсто.

97

Министерството за образование и наука и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) денеска ќе одржат нова средба во врска со барањата на овој синдикат за зголемување на платите на наставниот кадар, а на средбата ќе присуствува и премиерот Зоран Заев.

Средбата ја најави премиерот Заев одговарајќи вчера на пратеничко прашање, при тоа истакна дека верува дека ќе се најде решение за платите на наставниот кадар. Посочи дека платите на наставниците за време на мандатот на сегашната Влада се зголемиле за 10 отсто, а во преговорите со СОНК понудиле уште десет проценти покачување, што кумулативно пресметано би изнесувало 21,4 отсто.

– Утре имам состанок заедно со сите нив, верувам дека ќе изнајдеме решение и тоа благодарение на тоа што Буџетот определил пари и има сопствени ресурси токму од парите на граѓаните без ниту еден денар задолжување. Тоа што досега е понудено ја преминува просечната плата, најниската просечна плата во образованието да биде поголема од просечната плата во државата. Верувам дека ќе се изнајде решение меѓу наставниците, учителите, професорите, застапени преку СОНК и другите синдикати и министерот за образование – додаде Заев.

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование на средбата во вторникот не постигнаа договор, но најавија повторна средба неделава.

По средбата, министерот Арбр Адеми изјави дека биле разгледани повеќе опции, повеќе можности и алтернативи за кои како на Министерство им е потребно дополнително време да ги разгледаат.

– Ние нудиме решение и тоа трајно решение, три месеци порано или подоцна секако дека има влијание, но долгорочно истиот ефект го имаме – рече Адеми, додавајќи дека според новиот закон за наставници и стручни соработници во основно и средно образование првпат се предвидува професионален кариерен развој и оти при секое унапредување има поголема плата од тоа што е сега предвидено.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков посочи дека за нив се спорни две точки – зголемувањето на платите да биде поголемо од десет проценти и да почне од 1 јануари следната година. Изрази уверување дека министерот и Владата ќе направат напори да излезат со предлог прифатлив за СОНК.

МОН останува на ставот платите да се зголемат за 10 проценти во април, но од СОНК не се согласуваат со ова и најавија генерален штрајк за 11 ноември доколку не се постигне договор.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...