Заев: Во правосудството нема никакви влијанија, нема телефонски јавувања

83

Треба јасно да биде потврдено, денеска во правосудството нема влијанија. Се што имаме да кажеме транспарентно зборуваме, и дури кога сме против притворите, кога сме за побрзи постапки, и кога сме за отчетност и транспарентно работење на обвинители и судии. Не се криеме, нема телефонски јавувања, нема состаноци за да се прават влијанија, и никако поинаку.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев во Собранието, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

– Се што работиме на средбите со судии и обвинители, се зајакнување на нивните капацитети. Дополнителни буџетски средства обезбедени во Јавно обвинителство и во судство, дополнително мотивација, па дури и исплативме на судиите од 2016 година  што биле под страв, да бараат надомест за дополнителни примања од ризик, кој по закон им следува. Годишно исплаќаме по два милиони евра. Оваа година на нивните сметки легнаа дополнителни два милиони евра за нешто што им е право од 2016 година и тоа по пат на спогодба и разговор со Судскиот буџетски совет, заедно со сите судии во државата. Го направивме онака како што личи во секоја демократска земја – рече Заев.

Истовремено, неправдата на судската служба која, како што рече, им беше нанесена со скратување на 40 отсто заради тоа што протестираа тогаш и беа директно, флагрантно казнети.

– Најдовме начин, обезбедивме пари, исплатени се и тие надоместоци од 2016 година кои им беа нанесени како неправда. Ние ќе работиме на се повеќе зајакнување на судските и правосудските капацитети, дали е во судство или обвинителство. На принципиелен начин ќе обезбедиме се поголеми услови и ќе бараме одговорност. Затоа што граѓаните бараат одговорност од сите, и од политичарите, но бараат одговорност и од судиите и од обвинителите – рече Заев.

Тој нагласи дека должност на секој судија е да испорача правна држава и правда во оваа земја, онака како што тоа го пропишува Уставот и законот за делокругот на неговото работење.

Заев рече ако има некакво влијание врз судија или обвинител, јавно апелираше гласно да зборува, јавно да соопшти за какво било влијание, директно или во име на некој друг. Смета дека само на тој начин ќе ја вратиме правната држава, да мотивираме инвеститори, младите да останат тука.

– Правната држава е императив на оваа влада, главна стратешка определба по политичкото решение – рече Заев, и изрази благодарност и до опозицијата што донеле консензуално многу закони во делот на правосудството.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...