Со солзи во во очите четвртиот патник во автобусот од несреќата кај Ласкарци го заврши неговото сведочење пред Кривичниот суд во судскиот процес кој се води за овој настан.
Илија Ристовски, една недела пред несреќата се вработил во Скопје и почнал секој ден да патува од Гостивар. Сите кои патуваме, рече тој, знаеме дека автобусите на „Дурмо Турс“ стигаат побргу и затоа се возевме со нив. На критичниот ден, раскажа, се качил во автобусот и се опуштил сакајќи да дремне после работа.
– Автобусот возеше по средната лента на автопатот, пред да излета добив чувство дека треба да претекне некој, но место да се исправи нормално со возењето, тој продолжи. Од десна страна женски глас викна „што е работата мајсторе”. Толку слушнав. По реакциите од патниците не почувствував реакција од возачот, само продолжи во истиот правец преку банкините и почнаа врисоци, пискотници. Во автобусот се создаде хаос од моментот кога почнавме да излетуваме. Не знам ни дали се фокусирав на врисоците, туку на мене, како да реагирам. Пребрзо ми дојде сѐ, дури не знаев ни дали е реалност тоа што се случува. Од напуштање на лентата по која возеше до излетување, поминаа пет-шест секунди – сведочеше патникот.
По ударот во последната ограда, тој изгубил свест.
– Се освестив приклештен од седиштата, ме потфатиле и не можев да се извлечам. Имав јаки болки во ребрата, се обидов да видам дали ми функционираат рацете и нозете. Тогаш се јавив на сопругата да и речам да тргнат накај Скопје оти има лоша сообраќајка и веројатно има жртви. Патници не видов, во моја близина позади слушав како еден од патниците грчеше, ја даваше душата. Кога дојде првиот човек со мобилен да свети му викнав да дојде да ме извлече и да не се плаши кога ќе ме види зошто знаев дека сум многу повреден на главата. За кратко дојде со два-тројца ме извлекоа – раскажа Илија кој потоа детално ги опиша повредите кои ги здобил.
За да се запре крварењето кое го имал, рече тој, бил во вештачка кома неколку дена, а три месеци бил врзан за кревет.
По овој, во судница влезе уште еден од сведоците, кои рече дека пред губењето на правецот видел дека главата на возачот била спуштена надолу, во еден момент возачот се стресол и ја кренал главата, па пробал да сврти, но автобусот продолжил.
28-годишна девојка од Гостивар била уште една од патниците во автобусот. Таа рече дека 5 години секој ден патувала со „Дурмо Турс“ и имало почести дефекти, околу 20-30 додека таа се возела.
– Пред да паднеме се фатив цврсто за предното седиште и затворив очи. Изгубив свест на кратко и кога се разбудив бев надвор од автобусот, сум испаднала и се наоѓав на некои 10 сантиметри од автобусот – рече девојката.
Таа рече дека пред автобусот да удри во првата ограда слушнал звук од удар на железо со железо. Девојката била во исто возило со возачот на автобусот кога после несреќата локалните жители ги носеле во болница.
– Возачот не зборуваше ништо, по неколку минути почна да се жали на болки и се стегаше во градите – рече патничката.
Таа беше и последната која денеска сведочеше за кобната несреќа во која загинаа 16 лица, а 37 беа тешко повредени. Од патниците за следните рочиште остана само уште една патничка која ќе сведочи во овој судски процес, а ќе се повикуваат и други сведоци меѓу кои има и очевидци.
Во случајот обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.