Рони Фостер од Северна Каролина освоил 200.000 долари во лотаријата која ја уплатил додека одел на последната хемотерапија, пренесува Би-Би-Си.
Рони се борел со ракот на дебелото црево и додека одел во болницата купил една грепка на која освоил 5 долари. Одлучил да земе уште две. Но, првата не му донела ништо.
– Кога ја изгребав другата и ги видов сите тие нули се смрзнав – рекол Фостер кој дел од добивката ќе потроши на сметките за лекување. Не верував во тоа сè додека не му го дадов билетот на скенирање на службеникот за лотарија. Кога се покажа дека треба да одам во централата на лотаријата, почнав да се тресам. Не можев да верувам – рекол тој.
Фостер, пензиониран работник во Министерството за транспорт, се бори против ракот на дебелото црево и е на самиот крај со хемотерапијата. Победата на лотаријата му дошла како „шлаг на тортата“.
– Веќе бев среќен бидејќи ова ми беше последната рунда терапија, а освојувањето на лотаријата го направи мојот ден уште посреќен – истакнува Фостер.
Иако тој има здравствено осигурување, дел од профитот ќе искористи за да ги исплати трошоците што не биле покриени, додека остатокот, како што вели, ќе биде заштеден за во иднина.
По данокот, Фостер останал со 141.501 американски долари, што ги однел дома во петокот.