Спасовски најави корекција на пензиите во полицијата

266

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната седница за пратенички прашања информираше дека се подготовуваат законски измени со кои ќе се коригираат пензиите на полициските службеници кои се пензионирале пред 2010 година, кои имаат несразмерно помала пензија од останатите.

Според него, ќе се направи анекс на решението за пензионирање и на тој начин да се утврди нивото на пензија.

Спасовски рече дека очекува многу скоро ова законско решение да се најде во собраниска процедура и дека пратениците ќе имаат разбирање што е можно побрзо тоа да биде усвоено.

Тој појасни дека по неколкукратни разговори со здруженијата на полицајците, направените анализи во Владата и правните анализи е пристапено кон измени на легислативата со што ќе се овозможи на полицајците кои се пензионирале пред 2010 година да им се исправи оваа, како што рече, неправда.

Со законското решение за внатрешни работи од 2010 година се променила методологијата за пресметка на пензиите на полициските службеници кои имаат 40 години стаж. Врз основа на таа методологија како  основица за пензија на полицајците со 40 години стаж се земаат десетте години кога полицајците имале најдобри примања, додека пред 2010 како основица за пресметка за пензиите на полицајците се земале примањата од вкупниот стаж. Така, како што рече Спасовски, се појавила една сериозна разлика во висината на пензиите на полициските службеници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...