Сведоштва за Ласкарци: По несреќата возачот седеше на нива преплашен и плачеше

1670
Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI

Со „Дурмо Турс“ се возев околу две години. Денот кога беше несреќата не приметив ништо невообичаено со автобусот. Беше како и секогаш. Бев буден и памтам горе долу што се случуваше, раскажува 27-годишниот Бетим Амети, уште ден патник од автобусот на Дурмо Турс кој на 13 април излета од автопатот кај Ласкарци при што загинаа 16 луѓе, а 37 беа тешко повредени.

27-годишното момче кобниот ден седело во четвртиот или петиот ред седишта покрај прозорот од страната на шоферот.

– Откако ја поминавме патарината пред Ласкарци осетив нагло вртење, се обидов да потстанам да видам што се случува, после автобусот излета. Паметам дека ги кршевме препреките како да се ништо – раскажа Бетим.

Патникот рече дека се се случило за не повеќе од 10 секунди, а во критичните моменти не осетил дека автобусот забавува или кочи.

– Луѓе почнаа да врескаат, но поради тоа што се се случи во кратко време не можеа да реагираат. Не осетив забавување или кочење – рече сведокот одговарајќи на прашањето каква била атмосферата во автобусот.

Во моментот на излетување, Бетим си ја покрил главата за да се заштити.

– Видов дека автобусот излетува од патот и после тоа слушав како се вртиме со автобусот. Осетив дека главата ми удира во плафон, очите ми беа затворени, се обидов да се покријам и да се заштитам. Откако падна автобусот, само дваjцa или тројца патници кои беа малку повредени беа надвор. Мојата лева нога беше фатена од багажникот и две девојчиња од автобусот ми помогнаа да ја извлечам. После тоа веќе други ме внесоа во кола и ме однесоа во болница. По несреќата го видов возачот, беше таму на нивата, седеше, изгледаше преплашен, плачеше – се присети патникот.

Бетим зборуваше и за неговото минато искуство со „Дурмо Турс“ за кое рече дека не било задоволително. Автобусите се расипувале често, биле без ладење или греење, а со истиот шофер имал и мала сообраќајка кога автобусот удрил во возило пред него на Партизанска во Скопје.

Откако Бетим заврши со неговото сведочење, во судница влезе уште еден патник од автобусот, Душан Стефановски.

Тој рече дека дента автобусот имал звуци како на тресење.

– Кога автобусот почна да го губи правецот заземав позиција да се заштитам, дури ги имав затворено и очите и слушав само звуци на паника, врескање и звуци од удирањето во дрвата – рече патникот кој посочи и дека имал чувство дека автобусот возел побрзо отколку што требало. Душан се присети и на моментите по излетувањето.

– Бев во бессознание 10-15 минути, потоа се разбудив. Автобусот беше со гумите нагоре. Приметив дека нема стакла на автобусот, јас лежев на стомак, видов еден од мештаните таму во полето и човекот ми помогна, ме извади и ме остави на 3-4 метри од автобусот – рече патникот.

Во случајот обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...