Галевска за „Титаник“: Над 500 лични карти беа дадени незаконски

540

Јадранка Галевска поранешен началник на Одделот за управни работи денеска при сведочењето за случајот „Титаник“ посочи дека незаконски биле издавани лични карти, најголем број  во општините каде тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ имала најслаб рејтинг.

Галевска при директното испрашување од обвинителката Лиле Стефанова наведе дека заедно со началници од другите општини била повикана на разговор во 2012 година кај тогашниот шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи Кире Тодоровски каде им било кажано дека ќе треба да се издаваат лични карти.

– Во ниту еден момент не помислив дека позади тоа се случува нешто друго. Како што се сеќавам тогаш во просторијата влезе накратко  и тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и само праша дали се е во ред – раскажа Галевска.

Таа наведе дека отприлика по десетина дена повторно остварила средба со Кирил Тодоровски и го прашала како ќе се одвива целата работа по што тој и образложил дека ќе доаѓаат лица од Преспа  и ќе им се издаваат лични карти, а за сето тоа за контакт ќе биде Мунир Пепиќ, кој лично ќе доаѓал кај неа, а со цел да не им ги прислушуваат телефонските разговори.

– Кога го прашав дали тоа ќе ни биде поткрепено со потребната документација тој рече да, но ќе носат по 20-30 лица. Јас веднаш изреагирав, бидејќи тоа ми создаде сомнеж. Многу е сомнително да влезат 20-30 лица во просторија во која постојано има циркулација на луѓе, многу ќе биде приметно. На тоа тој ми рече не смееш да се мешаш, тоа е висока политика – сведочеше Галевска.

Таа истакна дека веднаш и станало јасно дека е вовлечена во игра и дека тоа нема да заврши, наведувајќи дека многу била исплашена за нејзината безбедност, како и за безбедноста на нејзиното семејство.

Раскажа дека нашле лица од доверба што ќе го спроведуваат процесот на кои им објасниле за што станува збор.

– На почетокот мене Кирил преку СМС порака ми испраќаше адреси и кога доаѓаше Мунир Пекиќ, јас му ги давав зашто тие требаше да се стават на лицата кои ќе бидат донесени, по 20-30 лица на иста адреса. Веќе по втората порака му се јавив и му реков дека е претерано и дека не може да се издржи. Продолжија да се носат лицата и Мунир Пекиќ  носеше адреса, истата за сите 20-30 лица кои ќе дојдат дента.  Од време навреме се интересирав што се случува кога ги избројавме над 500-600 лични карти беа дадени незаконски – раскажа Галевска.

Како што кажа, во тој период протекле информации  во медиумите за случајот, Јанкулоска наредила да се направи контрола, но по извршувањето на увидот  не биле пронајдени никакви незаконски дејства.

Во случајот „Титаник“, oсвен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...