Доколку Собранието биде распуштено, тоа може повторно да се собере, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, појаснувајќи дека и на лидерската средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски, било разговарано за можноста да се свика веќе распуштениот Парламент, доколку се појави потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО.
– Тоа било пракса и порано за итни и неодложни работи да се стават на дневен ред и да поминат – нагласи Мицкоски.
Според Мицкоски, на лидерската средба биле присутни и претставници од Кабинетот на претседателот на државата, меѓу кои и професор, кој дал мислење дека за итни и неодложни ситуации Уставот предвидува можност Собранието повторно да се собере.
Тој појасни дека се очекува на почетокот на декември да се конституира Парламентот во Шпанија и да го усвои Протоколот за членство во НАТО, по што, како што изјави, во нашето Собрание се предвидува документот да дојде во втората половина на декември или во првата половина на јануари.
Во однос на тврдењата за понуда од Москва за членство на земјава во Евроазиската економска унија, Мицкоски порача дека „иднината на Македонија е во ЕУ“ и тука никој не треба да има дилема.
– Овој став како политички партиии го реафирмиравме на последната лидерска средба. Мислам дека како држава треба понатаму да се движиме во таа насока. Секоја економска соработка каде нашето стопанство може да има приходи и да добие подобри услови, е на билатерална основа со државите. Наша основна стратешка определба е полноправно членство во ЕУ – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.