Штетата од спомениците во „Скопје 2014“ е помала од таа што ја прават високи функционери на власта говорејќи на средби со европски лидери дека најголемата опозициска партија е против членството на Македонија во ЕУ, рече пратеникот Илија Димовски на денешната седница на собраниската Комисија за надворешна политика на која претхоно реферираше министерот за надворешни работи Никола Димитров за спроведување на надворешната политика и евроинтегративните процеси.
Тој истакна дека ваквата негативна кампања на власта, не само што е спротивна на вистината зошто никој не може да ѝ ги оспори заслугите на поранешната влада во приближувањето на земјата кон европското семејство, туку и оди на штета на државата затоа што македонските граѓани се уште во многу висок процент се за пристапување на земјата кон ЕУ.
Тој му реплицираше на министерот Никола Димитров и во тезата што деновиве и премиерот Зоран Заев во интервју за грчки „ Еуроњуз“ ја искажа, а во врска со спроведувањето на одредби од Преспанскиот договор, а кои се однесуваат на внатрешната употреба на новото име на државата.
Димовски повика власта да не го лаже народот со такви тези, а тоа го побара и од министерот Димитров кој вчера, но и во своето денешно излагање пред пратениците во собраниската Комисија за надворешна политика повтори дека не ќе може целосно да се имплементира Преспанскиот договор поради француската блокада на датамот за преговори со ЕУ.
– Гледам и вие, а претходно и премиерот зборува дека не ќе може да се импелементира Преспанскиот договор. Тоа не е точно. Договорот со Грција не само што е имплементиран, туку е и „надиплементиран“ – рече Димовски кој му забележа на Димитров што ниту тој како шеф на македонската дипломатија, нити било кој функционер од власта не им кажал на граѓаните чесно и совреме дека нема да добиеме датум кога било сосема јасно дека ќе се случи тоа, а пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ, изрази уверување дека тоа го знаел и Димитров, а и другите високи функционери на власта.
– Ќе беше почесно отворено да кажете пред граѓаните дека нема да добиеме датум, тоа беше очигледно и по претходните изјави на европските дипломати, а и по третманот што го доби вицпереммиерот Бујар Османи на средбите со претставниците на земјите членки на ЕУ – додаде Димовски.
Тој потсети на пораките што ѝ ги праќале европските дипломати на власта многу порано пред конечната одлука за недоделувањето на датумот дека „нема место во ЕУ за земја во која владеат само 10 фамилии“.
– Вие на маса ги ставивте националните интереси, а не добивте ништо. Одговорот како Влада од ваша страна требаше да биде прифаќање на одговорноста, а не барање на виновници. Велите дека Преспанскиот договор ни дава шанса да не го имплементираме новото име во области каде што не сме отвориле поглавја, на пример во образованието – но таму се направени промени, ги сменивте свидетелствата – му рече Димовски на Димитров.
Димовски го обвини министерот дека Преспанскиот договор е прекршен на штета на земјава и дека Владата имплементирала нешто што не морала.
– Оваа Влада одлучи дека ќе ја смени националната и државната позиција во однос на спорот со Грција. Ниту една Влада или претседател претходно не излезе од националните рамки. Вие излеговте, но придобивка нема, со што е нарушена позицијата и на претходните влади – додаде Димовски.
Според пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ овој неуспех е поголем од 2012 година бидејќи крупните национални теми тогаш не беа ставени на маса.
– Никој ништо никому не дава без заслуга. Аплаузот трае само пет минути. Тоа требаше да го знаете и да не им давате лажни надежи на граѓаните. Не знам дали е завршена работата дома, но факт е дека граѓаните ви поверуваа дека ќе се борите за стандарди, за живот, за ЕУ. Тука лежи вашата одговорност – му рече Димовски на Димитров.