За 15 отсто се зголемува капитациониот бод од 1 ноември, па матичните општи лекари ќе добијат 8 денари зголемување, и нова вредност од 63 денари за бод, а со ист процент се зголемуваат и износите кај матичните стоматолози и гинеколози. Исто зголемување добиваат и ПЗУ во специјалистичко-консултативна здравствена заштита, аптекарите 16 отсто повеќе за издавање лек на рецепт, а по 180 денари по рецепт за скапи лекови. Дел од зголемувањето лекарите ќе може да го искористат и за да вработат медицинска сестра со, на пример, 4-часовно работно време.
Ова денеска во Владата го најавија првиот лекар, Венко Филипче, заедно со премиерот Зоран Заев и двајцата директори на Фондот за здравствено осигурување.
Со бодот, се зголемува и обемот на работа во примарното здравство каде лекарите, според словенечки модел, ќе треба што порано да откриваат рак на дојка, простата, зголемен крвен притисок, но и психијатриски и други болести кај пациентите. За дел од лековите нема да треба препорака од специјалист.
– Оваа мерка од реформата во примарното здравство значи и зголемување на бројот на услуги кај матичните лекари, повеќе превентивни мерки, но и олеснување за пациентите со хроничните болести – за некои лекови нема да биде неопходна препорака од специјалист, но за некои, како спрејови за астма, други препарати, каде треба експертиза, ќе остане мислењето од специјалист. Моделот е успешен во Словенија веќе неколку години, а ќе има промена на дел од протоколите. Според точно одредени дијагностички сродни групи матичните лекари ќе бидат обврзани да повикаат пациенти, зависно од ризик факторите и возраста, за да ги прегледаат и рано да откријат болести како рак на дојка, простата, ХОББ, астма, евентуални психички болести. Тие потоа, ако се рано откриени, многу успешно ќе можат да се лекуваат. Лекарите ќе изготват и електронски запис по прегледот – најави министерот Филипче.
Премиерот Заев потсети дека се зголемува спектарот на здравствени услуги, обезбедени се пари за надоместоците за дежурства, а претстои и зголемување на платите на специјалистите на 100.000 денари.
– За зголемување на бодот во примарното здравство се обезбедени 465 милиони денари годишно од буџетот, за специјалистите плус 62 милиони денари, додека протетичарите и оралните хирурзи кои работат со Фондот ќе добиваат 103.000 денари месечно наместо 90.000, а ортодонтите 111.000 наместо наместо 97.000 денари. Ќе се зголеми обемот на услуги во примарното здравство, а ќе се намали упатувањето на повисоко ниво – изјави Заев.
Директорот на Фондот, Ден Дончев, рече дека целта е подобрување на техничките капацитети на матичните лекари и нивна поголема ефикасност.
– Осигурениците ќе добијат квалитетна здравствена услуга уште во ординацијата, со што ќе се намали потребата за упатување. Со тоа ќе се растоварат лекарите на секундарно и терциерно ниво, а ќе се поттикне превентивата. Ќе се олесни и административната работа на матичните лекари – рече Дончев.