Нашата кандидатура е посебен случај и изгубивме цела една генерација, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната седница на собраниската комисија за надворешна политика со која претседава пратеникот Антонио Милошоски.
– Се обидувам политиката што ја водам да не ја сведам на дневна политика – рече тој.
Димитров истакна дека имал 190 средби со европски лидери и дипломати лобирајќи земјава да добие датум за преговори со ЕУ во јуни. Детално го раскажа целиот дипломатски пат на македонската битка за датум објаснувајќи зошто одлуката била одложена во 2018 година за во јуни 2019, а подоцна и за октомври годинава.
Димитров потсети и на европските избори како една од причините за доцнењето на одлуката на европските лидери која наместо да се случи во јуни беше одложена за октомври.
– Ние на Балканот треба да го направиме тоа што го направија земјите од Балтикот кои сите станаа членки на ЕУ во 2004 година – рече тој.
Димитров порача сега откако се случи одложувањето на датумот, земјата да не се однесува како жртва, како што тоа беше случај по Самитот во Букурешт.
Тој отворено ѝ забележа на опозицијата поради недонесувањето на законот за јавно обвинителство, што била и една од забелешките и препораките на европските лидери.
Димитров рече дека во двеиполгодишниот мандат откако е шеф на дипломатијата, речиси 90% од тој период го искористил за подобрување на добрососедските односи и за членството и битката за НАТО и за ЕУ, но најави дека во наредниот период ќе се посвети на прашањата кои се однесуваат на професионализација на дипломатијата, вклучувајќи ги и отворените прашања за македонските претставништва во странство.
– Треба да изнајдеме начини надворешната политика да не се доведе до ниво на внатрепартиски препукувања. Изгубивме генерации околу ЕУ и НАТО, па затоа во Договорот од Преспа се обидовме да вметнеме механизми врзани со нашето членство во НАТО и со отворање на пристапниот процес. Тоа значи дека промената на документите за внатрешна употреба директно ќе зависи од отворањето на поглавјата – рече Димитров.
Тој потсети на 2001 година, кога го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и кога бевме во група со Хрватска и рече дека најдобри шанси земјава да отвори преговори имала во 2012, кога група земји притискале за тоа прашање.
– Сега сме со Албанија која стана кандидат за членство во 2014 година и со две препораки. Ние сме со десет препораки. Тоа создава дополнителен предизвик. Самиот Макрон, покрај укажувањата дека прво треба да ја средат својата куќа, укажа и на тоа дека нивната проценка е оти ќе биде грешка ако одделно ги третираат македонската и албанската кандидатура. Јас и вчера укажав дека иако имаме интерес сите наши соседи да одат напред, тоа е неконзистентно со фокусот на унапредување на методологијата на пристапниот процес, бидејќи тој вели дека секоја земја треба да се цени според сопствените заслуги. Ако една земја ја условите за нешто што е надвор од нејзина моќ и влијание, тогаш логиката на процесот на пристапување веќе не постои и тоа значи политизација на еден процес што треба да биде базиран на мерит – вели Димитров.
Артан Груби од ДУИ кој не беше присутен од почетокот на седницата ги побара стенограмските белешки од говорот на Димитров и пауза од еден час за да го разгледа па да може да дебатира. Претседателот на комисијата Антонио Милошоски ваквото барање на Груби го оквалификува како обид да се опструира дебатата и да се поштеди Димитров од критики и одговорност за неуспехот на македонската дипломатија.