Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со големо мнозинство гласови усвои резолуција со која го повикува претседателот Доналд Трамп да воведе санкции и други рестрикции кон Турција и турските официјални претставници за нејзината офанзива на северот од Сирија, што наиде на остра осуда од официјална Анкара.
За резолуцијата гласаа 403 конгресмени, меѓу кои беа и демократите и републиканците на Трамп, кои сакаат да ја притиснат турската Влада да ја заврши својата офанзива врз курдските сили, кои им помогнаа на американските војници во борбата против џихадистите од Исламска држава.
Турското Министерство за надворешни работи најостро ја осуди ваквата одлука на конгресмените, наведувајќи дека таа не е во согласност со договорот за примирје меѓу Анкара и Вашингтон од 17 октомври, со која се прекина турската офанзива, пренесуваат британските медиуми.
Турција, исто така, ги повика американските конгресмени да преземат мерки за да се избегнат чекори кои можат да ги влошат билатералните односи.
ФОТО: EPA / JIM LO SCALZO