Шефицата на организираниот криминал Вилма Русковска во денешното гостување во 24 Отворено, категорично тврдеше дека ОЈО не ги лови новинарите што објавуваат искази, но дека се знае што може да се објавува во медиумите, а што не. Во случајот на објавениот исказ во медиумите, Русковска потенцираше дека новинарот сам се уловил, а дека тоа не било од нивна страна.
– Точно се знае што новинар смее или не смее да објави. Во случајот со објавувањето на исказите, новинарот сам се улови, ние не го уловивме. Ние побрзавме со кривична пријава затоа што новинарот заслужи. Нашата улога е да делуваме превентивно како обвинители – рече Русковска.
Русковска потенцираше дека кртот од кој протекле исказите на обвинетите, се уште не е откриен.
– Исказите за кои се води постапка се дефинитивно од оние докази што ние во фотокопија ги дадовме во судот заедно со наредбата за истрага и предлогот за притвор за двајцата осомничени. Се гледа дека е снимено од фотокопија, а кај нас во обвинителство се оригиналните. Не знам од кој суд излегле – рече Русковска.
Во врска со барањето пари за исказот на Кичеец, Русковска објасни и од каде дошла информацијата за тоа од кој мобилен телефон дошло барањето.
– Телефонскиот број беше од мобилен оператор Лајка, ние ги провериме другите мобилни оператори и сѐ уште немаме добиено одговор. Истражителите одеа во Лајка да видат до каде е работата и замислете тие немаа информации за корисникот на тој број. По закон се знае дека мора мобилниот оператор да има податоци за корисникот, а во Лајка немаат – рече Русковска.