Владата ја усвои информацијата за спроведената постапка за избор на најповолна понуда за воспоставување Јавно приватно партнерство (ЈПП) за формирање современа организација-платформа како ефикасен носител на хеликоптерскиот итен медицински систем во Македонија (ХЕМС) и хеликоптерските услуги за пребарување и спасување (САР) и ја прифати Предлог-Одлуката за избор на приватен партнер за оваа дејност со САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, компанијата која ги задоволи условите на јавниот повик, соопшти владата.
– Најдоцна за шест месеци по потпишување на договорот за јавно-приватно партнерство, компанијата ќе стави на располагање два хеликоптера опремени за давање медицински услуги за прва помош и за пребарување и спасување бесплатно за граѓаните на Македонија, кои најмногу за 15 минути треба да бидат на местото каде што треба да биде извршена интервенцијата, пишува во соопштението.
Договорот за ЈПП на приватниот партнер му овозможува да си ги наплати услугите согласно неговиот бизнис модел, а за цело време на траење на договорот има обврска да плаќа надомест за стекнатото партнерство за обавување на оваа дејност во висина од 10.000 евра, во денарска противвредност во Буџетот.
Двата хеликоптера, хелиодромите и другата опрема за извршување на оваа дејност, согласно договорот за ЈПП, по истекот на договорот во рок од 8 години, остануваат во сопственост на Македонија.