Европскиот совет одобри нов рок за излез на Велика Британија од Европската унија до 31 јануари следната година.
Британскиот премиер Борис Џонсон вчера прифати тримесечно одложување на Брегзит, но наведе дека тоа го прави против своја волја. Тој ја повика Европска Унија да не одобрува дополнително пролонгирање на излезот на Велика Британија од Унијата.
Џонсон во писмото упатено до претседателот на Европски совет Доналд Туск наведе дека според британските закони „нема право да направи било што освен да ја потврди формалната согласност на Велика Британија на продолжување“ на рокот за излегување од ЕУ. Британскиот премиер во писмото до Туск ги повика останатите 27 земји-членки на ЕУ да се погрижат да не биде возможно ново пролонгирање на Брегзит по 31 јануари.
Владата на британскиот премиер Борис Џонсон денеска соопшти дека ќе се согласи со амандманот кој го вложија опозициските партии за да се одржат избори на 11 декември.
Тој вчера рече дека ќе се обиде да го „протурка“ во Парламентот законот за одржување избори на 12 декември, но противниците сакаа порано.
Британскиот премиер, кој вети дека Брегзит ќе се случи на 31 октомври по секоја цена, повеќе пати бараше да се одржат избори за да се заврши, како што наведе, „кошмарот со парализата која ја одзема довербата на јавноста, спречувајќи секаков исход од Брегзит“.