Да не се драматизира ситуацијата, европската перспектива и понатаму е на маса, Скопје да продолжи со реформите и да се почитува Договорот од Преспа бидејќи во спротивно можно е и грчко вето, се дел од пораките од Атина до Скопје, според анализата на онлајн изданието на грчкиот весник „Етнос“, jави дописничката на МИА од Атина.
Грција, според „Етнос“, се движи по шест оски и има конкретни ставови по недобивањето датум за пристапни преговори за нашата земја на Самитот на ЕУ.
Пишува дека Атина порачува оти „не треба да се драматизира ситуацијата, во смисла дека европската перспектива на Северна Македонија и понатаму е на маса“.
– Атина го критикува француското „не“ за почетокот на пристапни преговори, но со интерес го слуша (и во голема мера го дели) барањето на Франција за измени во методологија и процесот на проширување – пишува „Етнос.гр“ во однос на грчките позиции и додава дека Атина јасно става до знаење дека нема се меша во внатрешните случаи на Северна Македонија.
Паралелно го повикува северниот сосед да остане на патот на реформи.
– Разјаснува дека веројатно враќање назад од страна на која и да било нова влада на Северна Македонија за името ќе ја доведе во прашање европската перспектива на соседната земја и ветото во таков случај нема да доаѓа само од Французите (Холанѓаните и Данците), туку и од Грција – пишува „Етнос“.
Во анализата се споменува дека Атина и понатаму ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
– Европската перспектива на Западен Балкан е грчка иницијатива и цврста позиција уште од 2003 година и Самитот ЕУ-Западен Балкан што тогаш се одржа во Солун. Ниту една грчка влада не зазеде различен став во однос на тоа, рекол владин извор за „етнос.гр“, оставајќи да се разбере дека ќе треба да се очекуваат од Атина и други иницијативи во следниот период за конкретниот фронт – пишува онлајн изданието на грчкиот весник.
Воедно, поставува и две прашања – дали може една техничка влада во Северна Македонија да продолжи да го имплементира Договорот од Преспа до изборите и дали по април идната влада ќе биде расположена да го почитува Договорот.
Весникот наведува и дека во случај ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, би сакало „членство во ЕУ во комбинација со дефакто поништување на ерга омнес од Договорот од Преспа и да го овековечи името Македонија без придавки“.