Папата: Тајниот архив на Ватикан веќе не е толку таен, стана Апостолски архив

Архивот соддржи документација за Католичката црква низ цел свет, што потекнува од VIII век до сега. Тој соддржи 600 различни збирки,  долги 85 километри.

96
ФОТО: EPA / ETTORE FERRARI

Папата Франциск преку апостолско писмо соопшти дека направил промена во именувањето на Тајниот ватикански архив, за да се избегнат негативните асоцијации поврзани со терминот „таен”, пренесоа американските медиуми.

Отсега огромниот куп документи, ракописи и папируси официјално ќе се нарекува Ватикански апостолски архив, пренесе БТА.

Во своето вчерашно апостолско писмо, што ја има силата на закон, папата Франциск посочува дека архивот одамна е отворен за научниците и дека тој самиот веќе издал указ архивите од периодот на Втората светска војна, посебно за делот од управувањето на папата Пие XII, обвинуван дека недоволно цврсто се изјаснил против Холокаустот, да се отворат за истражувања порано од предвидениот датум 2 март 2020 година.

Светиот отец во писмото истакнува дека промената во именувањето подобро ќе ја одразува суштината на архивот и начинот на кој „ги опслужува црквата и светот на културата”.

Архивот соддржи документација за Католичката црква низ цел свет, што потекнува од VIII век до сега. Тој соддржи 600 различни збирки,  долги 85 километри.

Сместен во Апостолската палата, архивот располага со читални и двокатен „бункер”, изграден од засилен цемент.

Највредните документи, меѓу кои се древни ракописи со златни повези или пресудата од процесот на светатата Инквизиција против Галилео Галилеј, се чуваат во безбедни климатизирани простории, каде влажноста е под постојана контрола.

Во 1881 година папата Лав XIII го отворил архивот за истражувања и оттогаш годишно го користат околу 1.500 научници.

Најсовремената документација што е достапна за проучување е таа за папата Пие XI, кој починал во 1939 година.

Вообичаена пракса на Светиот престол е да се чека 70 години по завршувањето на папството, за да се отвори архивот поврзан со него. Тоа, меѓутоа, ќе значи дека архивот на папата Пие XII, кој бил на чело на Ватикан од 1939 до 1958 година, ќе стане достапен за научниците најрано во 2028 година.

Светиот престол беше изложен на притисок побрзо да ја подреди и каталогизира збирката од периодот на папата Пие XII, за да може таа да се проучи додека се уште има преживеани од Холокаустот.

ФОТО: EPA / ETTORE FERRARI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...