Мобилна апликација наместо водичи, ќе ги води туристите кога пешачат или возат велосипед по одбраната и подготвена рута во земјава. Апликацијата првично е наменета за 4 велосипески и 22 планинарски тури и е наменета за туристите кои самите сакаат да се организираат и да ги одберат турите.
Мобилната апликација и подготвените рути во природа се дел од потпроектот „Подобрување на постоечката туристичка понуда на активности во Македонија со изработка, организација и продажба на самоводечки тури за самоорганизирани туристи“ на Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија (НАИТАМ) и туристичката агенција „Македонија Травел“,
Директорката на „Македонија Травел“, Емилија Филдишевска на денешното претставување на апликацијата информира дека се мапирани и составени детални визуелни прикази на сите рути со фотографии и со описи за навигација од сите ориентациони точки за полесна ориентација и навигација на корисниците при возењето велосипед или при планинарењето.
– Самоводечките тури се така направени да бидат достапни за секого, овозможувајќи им на корисниците да си ја оформат рутата онака како што ним најмногу им одговара според заинтересираноста и стилот на патување – вели таа.
Понудените тури можат да бидат еднодневни, кои потоа се надградуваат според желбите на корисниците, или пак повеќедневни велотури. Еднодневните тури опфаќаат поголем дел од познатите македонски природни убавини: од Милениумски Крст на Водно до Кањонот Матка, Манастирска тура, тура до домот Караџица, тура до село Оморане, манастирот Св. Никола, изворите на река Бабуна, видиковците на Пелистер, манастирот Трескавец, планинарски тури до врвовите Љуботен, Плат, Титов Врв и Пелистер, планинарски тури до поголемите планински езера и сл. Овие тури можат да се комбинираат и во повеќедневно патување, според желбите и изборот на туристите. Вакви тури има 22 низ позначајните природни убавини на земјата.
Повеќедневните велосипедски тури, пак, се направени во четири варијанти: седумдневна велосипедска тура од Крушево, преку Битола, Преспанско Езеро, Галичица, Охридско Езеро, Охрид и Струга; четиридневна тура низ планински предели на Преспанското и Охридското Езеро со Галичица; и две варијанти на тридневни тури – околу Преспанското и Охридското Езеро.
Мобилната апликација е составен дел на секоја од овие тури. Таа го олеснува целосното патување и навигација низ рутата предвидена со една тура, давајќи им ги на корисниците сите неопходни информации за попатните точки.