Планираниот попис за април 2020 година ќе се пролонгира за една година. Ова следува откако утрово Државниот завод за статистика (ДЗС) излезе со такво барање до Министерството за правда кое е формален предлагач на Законот за попис од каде, пак, изразуваат подготвеност позитивно да одговорат на предлогот.
– Државниот завод за статистика е изготвувач на законот и најдобро ја познава проблематиката. Министерството ги трансферира нивните предлози и решија – велат од Правда.
Од Статистика ваквото барање го образложуваат повикувајќи се на воспоставената меѓународна пракса и искуство, дека пописните и изборните активности не можат да се одвиваат паралелно.
Премиерот Зоран Заев, пак, рече дека очекува проценката на ДЗС да биде конечна и деновиве оттаму да достават стручна анализа како тие гледаат на одржувањето. Но, тој порача дека законот мора да се донесе.
– Дали ќе имаме попис во 2020 или 2021 година, законот треба и мора да го донесеме заради тоа што пробниот попис успешно помина и државата мора да има попис – изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање кога ќе се донесе Законот за попис.
Носењето на Законот е барање и на ДЗС од каде посочуваат дека предлагаат тој да се донесе до крајот на оваа година односно пред формирањето на техничката влада која треба да биде позната до 3 јануари 2020.
За да се случи тоа власта и опозицијата мора да ги усогласат ставовите. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по последната лидерска средба рече дека тие сакаат потписот да се одржи во 2021 година кога ќе биде и во сите европски земји. Тој рече дека ставот на партијата е јасен, конзистентен и непроменет и дека бараат да биде според стандардите на Еуростад и оти на актуелниот предлог на власта имаат над 20 суштински забелешки.