Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ги отфрла наводите дека вината за гасификација на болницата треба да се бара во општината, како што префрли Министерството за здравство.
– Ги отфрлам обвинувањата дека Проектот за гасификација на оваа институција е стопиран поради Општината и сметам дека Министерството за здравство наместо да дава паушални одговори треба да се посвети на суштината, да обезбеди финансиски средства и да го реализира секој својот дел од проектот. Куманово е подготвено веднаш да отпочне со имплементација на проектот и дотур на гас до општата болница, како приоритет број 1 и секој поединечно да си го заврши својот дел од обврските – изјави за Плусинфо Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.
Тој нагласува дека сето останато – и одлагање и нерешавање е само губење време, со кое губат и граѓаните поради високата загаденост и емисија на штетни гасови во тој дел на градот, во кој е лоцирана единствената мерна станица, а греењето е на застарен начин, со користење на фосилни горива-мазут.
По енормната загаденост со ПМ10 честички во Куманово којашто е регистрирана деновиве, а на што многу влијае и греењето со фосилни горива во кумановската Општа болница, од Министерството за здравство топката ја префрлија на Општината.
– Изведбата на приклучокот за ОБ Куманово беше преземена обрска на Општина Куманово. Приклучокот на новиот ургентен–хирушки центар при ОБ Куманово е изведен така што и со изведбата на новата гасна котлара ќе биде непречено поврзан, без прекин во работата. За сите нови информации јавноста ќе ја информираме навремено – одговараат од Министерството, но оттаму не прецизираат кога болницата ќе почне да се грее на гас.
– Во тек на реконструкција на болница во Куманово, дадени се насоки од Министерството за здравство за менување на системот за греење. Разговорите и планирањето за воведување на гасификација во Општа болница Куманово, се почнати уште од периодот на изградбата на новиот ургентен – хирушки центар при ОБ Куманово. Проектите за изградба на гасна котлара и надворешен гасоводен приклучок се комплетно изработени од Филбис дооел Скопје, во октомври 2017 година. Проектот е нарачан од ОБ Куманово – велат од ресорното Министерство.
Градоначалникот Димитриевски е категоричен:
– Општина Куманово е подготвена да влезе во имплементација на Проектот за гасификација на Градската болница -Куманово. Претходно, институцијата требала да поднесе официјално барање за приклучување на гас до ЈП Куманово Гас, по што овој проект ќе се имплементира во две фази, вели Димитриевски.
Тој ги појаснува фазите.
– Прва фаза – Општината да го заврши дотурот на гасот и изградба на секундарната мрежа за напојување со гас, како и приклучок на објектот, за што е подготвена да отпочне со реализација веднаш по добивање на Барањето, доставување и одобрување на Проектот за гасификација на објектот. Втора фаза- Општата болница Куманово има изготвено Проект за гасификација, но потребно е да обезбедат финансиски средства за имплементација на истиот од ресорното Министерство, што до денешен ден нема обезбедено такви средства. Воедно, истиот да го имплементира и да ја прилагоди постоечката инсталација за затоплување на новиот објект, со кој се предвидува гасификацијата – додава Димитриевски.
Од Министерството за здравство потсетуваат дека во 2017 година затекнале застарен начин на греење во сите јавноздравствени установи, освен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „8 Септември“. Поради тоа, почна со имплементација на Стратегијата за развој во енергетиката и за подобрување на енергетската ефикасност и Стратегијата за користење на обновливи извори на енергија во РСМ, објавена од МАНУ. Воедно, Министерството за здравство се приклучи на проектот, кој го спроведува Светска банка за подобрување на енергетската ефикасност во здравствениот сектор. Со ова, се реконструираат повеќе здравствени домови и една здравствена установи на секундарно ниво во главниот град. Во рамки на проектот е вклучено реконструкција на покриви, замена на фасада, замена на греење, со цел намалување на трошоците и загадувањето кои објектите во имаат.
За таа цел, уште во минатата година се промени системот на греење во повеќе ЈЗУ. Во моментот е ставен приоритет на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир. Постапката е завршена и се очекува градежните работи да почнат во најбрз можен рок. Болницата „8 Септември“ веќе две години за загревање користи природен гас.