Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ смета дека споменикот на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“ што беше дел од проектот „Скопје 2014“, воопшто не треба да се гради зашто пречи од урбанистички причини.
– Треба да ја избришеме и тргнеме, но таа е под истрага и не можеме. Сметам лично дека објектот треба да биде отстранет, но пред истрагата не можеме ништо. Инаку, ќе бидеме соучесници – рече Богдановиќ.
Тој рече дека за незаконските дејствија во врска со „Скопје 2014“ Општината ќе известува посебно за секој предмет.
– Гарантирам дека во периодот што претстои ќе бидете запознаени, дури и изненадени, од сѐ што се случувало во Општина Центар. Надлежните веќе преземаат одредени мерки поврзани со „Скопје 2014“, знаете дека имаше одредени постапки за поранешни министри, правобранители и така натаму – додаде Богдановиќ.
По повод две години од својот мандат, градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ утрово ги повика новинарите на работен доручек за да им даде на граѓаните отчет за сработеното.
– За две години, колку што се поминати од мојот мандат, остваривме повеќе од 60 отсто од планираното. Субвенционирани се 26 згради за обнова на покриви и лифтови. Во Центар има згради кои се стари над 50 или 60 години. Ќе заменуваме и фасади на стари објекти – дециден е Богдановиќ.
Се пофали дека Општината која во сабота одбележува 43 години, нема долгови.
– Постоењето на Општина Центар ќе биде одблежено со засадување 43 садници – рече тој и најави јавна анкета за програмата дали ќе има урбана опрема на некое место.
За пешачката зона во Центар од крстосницата кај Собрание до трговскиот центар „Палома бјанка“, Богдановиќ рече дека очекува наскоро и тој план да биде ставен на јавна анкета.