Повлекување на систематизацијата во МНР, унапредување на младите дипломати, реформи во процесот за упатување на дипломатите во странство и учество во донесување нова систематизација и на новиот закон за надворешни работи, кој е во подготовка, се барањата на Македонскиот дипломатски синдикат формиран пред три недели.
Претседателот Зоран Дабиќ денеска на прес-конференција соопшти дека синдикатот е формиран по апелите од членството кои бараат заштита на работните права кои, како што рече, подолг период се запоставени, како и на кариерниот развој кој треба да биде системски, а не произволно регулиран. Синдикатот ќе делува како конструктивен партнер на раководството, но истовремено, рече тој, ќе биде и гласен адвокат и коректор на аномалии, дискриминација и нарушување на работните права и други неправди.
Првите четири барања веќе ги доставиле до МНР и очекуваат средба со министерот за надворешни работи која ја побарале пред три недели, но засега немаат реакција од него.
– Најитно барање е повлекување на систематизацијата која во МНР е воведена во јули годинава, а е донесена во декември, значи обзнанета по седум месеци. Таа има многу слабости. Меѓу другото, затоа што служи како изговор за лично деградирање на колеги, но и затоа што го продолжува трендот на една застарена дипломатија која не одговара на модерните дипломатски принципи – истакна Дабиќ, кој за себе рече дека има речиси 25 години дипломатско искуство и мандати во ОБСЕ во Виена, Обединетите нации во Њујорк и во НАТО во Брисел.
Второто барање се однесува на помладите дипломати и на неселективна примена на законот за надворешни работи во кој се пропишани условите за напредување. Бараат и вклученост на синдикатот во донесување на документи на МНР, новиот закон и новата систематизација, како и во постапките за упатување во странство. Постапката треба да биде предвидлива и три месеци однапред да се знае кој дипломат каде ќе оди на служба за да може да се подготви.
– Во фокусот ни се младите дипломати. За да направите добар дипломат ви требаат десетина години. Ако не се движат по кариерата како што треба, особено најталентираните, ќе презреат и нема да го дадат својот максимум. Имаме многу квалитетни млади дипломати. Треба да се направи добро менаџирање со кариери, што е и еден од нашите предлози – да се формира одделение или човек кој би се грижел за кариерите на дипломатите и би ги следел кариерите на сите дипломати во МНР. Сега е тоа малку бирократски, во некој сектор за човечки ресурси и таквата улога не е видлива и ја нема воопшто – додаде Дабиќ.
На новинарско прашање дали дипломатијата е под партиско влијание, Дабиќ одговори дека има од сѐ по нешто.
– Не можеме да кажеме дека сѐ е стриктно партиски, но не можеме да кажеме ниту дека сите што се квалитетни одат надвор. Имаме мала какофонија. За жал, партиското влијание секогаш било видливо во Македонија. Утописти би биле ако сметаме дека тоа влијание некогаш ќе се отстрани сто проценти, но би сакале да го симнеме на минимална маргина – рече претседателот на новиот синдикат на дипломатите.
Во врска со празните ДКП-а на земјава низ светот, одговори дека штетата е голема.
– Од професионален аспект, НАТО, каде што јас бев амбасадор, една година немаме амбасадор. Имаме заменици кои се менуваат фреквентно во периодот кога ние треба да сме најмногу присутни во НАТО – додаде Дабиќ.
Македонскиот дипломатски синдикат е основан како дел од Синдикатот за администрација и државна управа (САДУ) во рамки на Конфедерацијата на слободни синдикати. Од 7 октомври кога е основан има околу 90 членови, а очекувањата на претседателот се дека бројот ќе биде многу поголем.