Воздухот во Скопје многу се загадува, меѓу другото, и од палење на дивите сметлишта и депониите, а еве токму денеска од дивата депонија во Визбегово повторно се креваше чад и тоа од неколку места. Комуналните редари од Градот Скопје веднаш излегле на терен.
– Голем проблем се дивите сметлишта и депониите, еве токму сега со инспекторите и дежурната екипа сме на терен во Визбегово. За жал, не може на сите места да излеземе и да интервенираме. Очекуваме поголема поддршка од општините и од полицијата – вели Мирослав Богдановски, раководител на инспекторатот на Град Скопје, каде има 16 комунални редари.
За палењето на дивото сметлиште во Визбегово, тие дознале од социјалните медиуми.
– Таму ја палат дивата депонија и еве тројца инспектори се веќе на терен, но ние не можеме да бидеме присутни 24 часа. Откривме од каде е ѓубрето кое се фрла на оваа дива депонија, тоа е од околните фирми, но дополнителен проблем е во тоа што дел од овие фирми тврдат дека си плаќаат ѓубрарина, а сепак некој бесправно го истоварува и пали комуналниот отпад на оваа дива депонија во Визбегово – нагласува Богдановски.
Според Законот за управување со отпад, казна за овој прекршок е од 1.000 евра па нагоре.
Вкупно 16 комунални редари во Градот Скопје лани изрекле 232 казни, а годинава дури 778 скопјани се казнети бидејќи го прекршиле Законот за управување со отпад.
– На казна подлежат следните прекршувања на законот – од фрлање комунален отпад надвор од контејнер, до фрлање отпушоци од цигари, палење отпад и многу други прекршоци. Максималните казни од комуналните редари се 50 евра. Ние го зголемивме бројот на казните, но очекуваме поголема соработка и со општинските инспекторати и со полицијата, која освен што е надлежна за одржување на јавен ред, исто така има надлежност во делот на прекршување на Законот за управување со отпад. Па кога комуналниот инспектор на општината и Градот Скопје, заедно со полицискиот службеник ќе утврдат прекршок, ќе поведат постапка за изрекување казна – додава Богдановски.
Има општина во Скопје чии комунални редари од јануари досега изрекле само 4 казни за прекршоци кога станува збор за прекршување на законот за отпад, иако има значително поголем број несовесни граѓани.
Во општината Карпош нѐ информираа дека за стрништето кое пред две-три недели горело во Бардовци, иако утврдиле кој е сопственикот на нивата, не можеле да изречат казна.
– Само ако на лице место го видиме дека го пали стрништето или сметлиштетото, тогаш може да изречат казна комуналните редари – велат оттаму.
200 казни од редарите во Бутел
Ги побаравме и комуналните редари од општината Бутел, кои беа излезени на терен, но не во Визбегово.
– Сега проверуваме за друго непрописно фрлено ѓубре, а тоа што денеска било запалено кај дивата депонија во Визбегово спаѓа во надлежност на колегите од општината Шуто Оризари, тоа влегува во нивната општина. Ние работиме во две смени и еве јас од јануари досега имам изречено околу 200 казни од по 50 евра. Казнуваме од фрлање на отпушок од цигара, до непрописно фрлање смет, палење диви сметлишта и друго – ни рече еден од комуналните редари во оваа општина.