За кураторите на грандиозната изложба на Леонардо да Винчи, што се отвори вчера во Париз, минатата недела беше пекол. Вкупно 140 дела на познатиот уметник се собрани во „Лувр“ за да ја одбележат 500-годишнината од неговата смрт.
Леонардо да Винчи е симбол на ренесансен гениј. До моментот на смртта во 67-та година, станал стручњак во бројни области – сликарство, цртање, скулптурство, архитектура, инженерство, наука, музика, математика, книжевност, анатомија, астрономија, ботаника, палеонтологија, картографија.
Делото кое деновиве е во центарот на вниманието е цртежот „Витрувијански човек“. Чувствителното ремек-дело старо 530 години е транспортирано од Венеција, преку Алпите до Париз, во запечатена стаклена кутија која морала да има посебна температура, во придружба на вооружени чувари.
На Да Винчи како инспирација му послужиле Витрувиевите записи. Тој бил првиот голем римски архитект. Цртежот, кој се нарекува и Пропорциите на човекот и Закон на пропорциите, го прикажува идеалното човечко тело, кое го претставил Витрувије во книгата „За архитектурата“. Неговиот став бил дека пропорциите на човечкото тело имале најголемо внимание на класичната литература, а идеалното човечко тело има специфични пропорции.
За Да Винчи било предизвик тоа и да го нацрта, да ги прикаже идеалните пропорции и дека тие се во хармонија со универзалните принципи, бидејќи човечкото тело стои и во квадрат и во круг.
– Се сметаше дека цртежот претставува единство на космосот и на концептот на човекот како мерило на сите работи – рекол професорот Мартин Кемп, кој ја пишувал биографијата на Да Винчи.
Папокот го поставил како централна точка на телото околу која е опишан круг додека рацете се кренати. Меѓутоа, во квадратот центарот е на препоните.
„Човечкото тело е природно така обликувано, што лицето, од брадата до врвот на челото и најнискиот корен на косата, претставува една десетина од целата висина“, напишал Да Винчи, кого многу го интересирала човечката анатомија. Тој сецирал 30 човечки трупови за подобро да го разбере човечкото тело и тоа да го примени на своите ремек-дела.
– Витрувијанскиот човек не е само одличен пример на талентот на уметникот и феноменалниот приказ на човекот. Овој цртеж укажува и на складот на човечкото место во универзумот, пример e за неговата природна симетрија и прикажува каква е врската на сите нас со науката и со математиката.
Овој цртеж е непроценлив. Галеријата „Академика“ што се наоѓа во Венеција никогаш нема да го продаде. Извори од Италија тврдат дека е осигурен на една милијарда евра.
Изложбата на делата на Леонардо да Винчи ќе трае до 24 февруари 2020 година.