Милевски: Грците се уште нè нарекуваат со понижувачко име Скопиа, ќе барам Димитров да интервенира

1465

Претседателот на ЛДП Горан Милевски денеска повторно апелираше за промена на изборниот модел во пресрет на предвремените избори што би требало да одржат напролет.

– Во однос на актуелната состојба ЛДП уште еднаш апелира и инстистира до другите политички партии да се промени изборниот модел бидејќи тоа се најави на лидерската средба кај претседателот на државата. Меѓутоа еве помина една недела и тоа прашање останува отворено. Инсистираме да има една изборна единица без праг, или доколку нема консензус за таа работа бараме на постојниот модел од шест изборни единици да има отворени листи бидејќи сите се залагаат за отворени листи, а викаат е невозможно тоа да биде со една изборна единица. Апелираме тоа да се направи со шесте изборни единици – рече Милевски, по денешната 14 конференција на ЛИДЕМ.

Врз основа на тоа ЛДП, но и други политички партии треба да донесат одлука за нивниот настап на следните избори. Најавува дека од понеделник партијата ќе продолжи со внатрешните активности и ќе почне со трибини.

ЛДП се уште нема дефинитивна одлука како ќе настапува на следните избори. За партијата, вели Милевски, има две алтернативи или самостоен настап или продолжување на актуелната коалиција.

– Но, за да продолжите коалиција треба да имате договор со нив за што ќе се залагаме понатаму, но исто така е многу значајно изборниот модел и начинот на избор на пратеници. Граѓаните очекуваат тие да си ги бираат пратениците во парламентот, а не политичките лидери. Мислам дека таа шанса не смееме да им ја одземе на граѓаните бидејќи сакаме да ги мотивираме да излезат на изборите – рече претседателот на ЛДП.

Милевски, кој изминатите денови беше во Атина на Конгресот на европските либерали каде беше усвоена резолуција за започнување преговори на Македонија со ЕУ, искажа разочарување од односот на грчкиот премиер Мицотакис и тамошната Влада, кои не лобирале доволно за земјава да добие датум за преговори.

– Владата и премиерот сметаме дека ја пропуштија историската шанса којашто ја налагаше договор да бидат наш стратешки партнер и да бидат нашиот глас во НАТО и во ЕУ. Тие односно Мицотакис го премолчија договорот и не лобираше доволно за Македонија да добие датум и ние мораме да констатираме со жалење дека дел од Преспанскиот договор од нивна страна не е испочитуван – рече Милевски.

Враќајќи се со возило од Атина кон граница, додава тој, не видовме ниту една табла со новото име Северна Македонија.

– Се уште стои понижувачкото име Скопиа и се разбира и овој дел не е испочитуван. Јас на првата седница на Владата ќе побарам од министерот за надворешни работи да интервенира не само македонската страна да го почитува договорот, туку да бараме и од Владата во Атина, да ги испочитува и својот дел од договорот – рече лидерот на ЛДП.

Во однос на резолуцијата на либералите од Атина рече дека тоа е многу значајно, затоа што либералите се во коалиција со францускиот претседател Емануел Макрон, а кога вашите коалициски партнери вршат притисок за почеток на преговорите има поголема тежина од другите притисоци што се прават.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...