Се работи за локалитет во чија близина се наоѓа палеонтолошка гробница на пикерминска фауна, која е детерминирана и дел научно истражена пред 12 години. Дел од тие истражувања беше и рударскиот инженер Љубе Митевски, кој вели дека станува збор за фауна стара околу осум милиони години.
– Научниците од Природонаучниот музеј од Скопје овде открија значајни фосили од пикерминска фауна, уникатни во Европа, меѓу кои череп од жирафа, мастодонт, фосили од антилопа, хипарион и сл. фосили стари од 10 до три милиони години. Освен од македонскиот Природонаучен музеј, тогаш локалитетот го посетија и научници од Природонаучниот музеј во Софија и во Париз. Како што кажав, тука се извадени фрагменти и делови од черепи на повеќе животни кои се класифицирани како пикерминска фауна, која е значајна по старост од околу пет до осум милиони години. Се работи за животни мастодонти, хипариони, хиени, елени, диви свињи – вели Митевски.