Над десет илјади вработени во МВР ќе минат низ филтрите на ветингот

440

Над десет илјади вработени во Министерството за внатрешни работи ќе бидат подложени на процесот на ветинг или проверка со цел да се професионализира работата на полицијата и таа целосно да биде вклучена во служба на граѓаните. Процесот е најавуван подолго време, а лани министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека ветинг ќе се прави на сите во МВР – од чистачка до министер.

Сепак процесот се уште не е почнат, се прави терен за негово спроведување, законот за ветинг се уште не е донесен, а според плановите на работната група предлог-законот треба да биде доставен до април, но овие проекции се правени пред одлуката која ја донесоа лидерите на политичките партии на средбата кај претседателот Стево Пендаровски – на 12 април да се оди на предремени парламентарни избори.

Формирана е работна група, составена од експерти од МВР, академски соработници, претставници на неавладиниот сектор, на ОБСЕ, американската Амбасада, поканети се и претставници на делегацијата на ЕУ и на британската Амбасада.

Процесот се гради детално, бидејќи станува збор за обемна активност, која во никој случај не смее да ја закочи работата на полицијата додека се спроведува. Мора да се соработува со сите институции, бидејќи е потребна размена на информации, а за таа цел е потребен брз ефикасен електронски систем за размена на податоци.

Се градат методологијата и начинот на кој ќе се спроведува – од една или неколку комисии, но крајната цел е Министерството за внатрешни работи со тек на време самото да има капацитет да се грижи за тоа кого ангажира во своите редови.

Ветингот своевидно „проветрување“ во МВР

Првата работна група беше формирана во август и таа имаше задача да предложи методологија односно постапка за спроведување на ветингот во МВР до 1 октомври. Нејзините членови требало на Владата да и достават информации и предлог план за спроведување на проверките во Министерството, што е завршена работа.

– Мислам дека направивме многу добра работа, направивме исчекор од земја која нема искуство во однос на проверките не само во МВР, туку и генерално во државниот апарат не постои такво искуство. Ги собравме најдобрите искуства и од Албанија, но и од Велика Британија и добивме одредени сознанија за спроведување на ветингот во САД, но рано е да дискутираме точно и прецизно во која насока ќе се спроведуваат проверките, дали ќе има комисија, дали тоа ќе биде една комисија или ќе бидат некоку подкомисии се уште е рано – појаснува за МИА претседателот на работната група, деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.

Појаснува дека групата што сега ќе започне со своите активности има цел да подготви предлог-закон за спроведување проверка на вработените во МВР и да подготви акциски план со конкретни датуми во кои одредени активности би се спроведувале.

-Таа комисија сигурно нема да биде оваа работна група, туку ќе биде друго тело. Првиот ветинг во Велика Британија, па веројатно и во Албанија е спроведен од комисија составена од вработени во МВР и од надворешни лица, меѓународен фактор, академска заедница. Но овој процес е континуиран, тоа е процес, кој ќе ја надмине нашата кариера и затоа е важно првиот да биде спроведен од мешовита работна група или комисија, а потоа овој процес да се предаде на МВР и тоа самото да има капациет самостојно да си ги прочистува своите редови врз основа на реални мерливи и остварливи критериуми кои ќе бидат предвидени за ветинг – појаснува за МИА претседателот на работната група, деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.

Toj нагласува дека ветингот подразбира проветрување во МВР, утврдена е потребата дека вработените треба да поминат низ одреден процес на проверка на интегритетот со којшто ја извршуваат полициската работа, потоа во однос на нивната професионалност и нивната имотна состојба,

– Како државни службеници  тие имаат ограничени приходи и ќе се провери во соработка со другите државни институции која е имотната состојба на полициските службеници. Дали таа е сразмерна со примањата што ги имаат во МВР – додава тој.

Магдалена Лембовска од Евротинк во изјава за МИА потенцира дека ветингот во МВР треба да претставува процес на проверка во однос на професионалниот и личниот интегритет кој на крајот треба да резултира со „прочистување” на полицијата од лица кои ги немаат потребните квалификации, биле подложни на корупција или имаат контакти со криминалци и криминални групи.

– Во моментот немаме јавно достапни материјали за методологијата на ветингот, но истиот треба да опфати оценка на имотната состојба пред и после стапувањето на должност во МВР, безбедносна проверка, како и проверка на квалификациите во однос на конкретното работно место. Сето тоа подетално ќе треба да биде разработено во закон кој ќе ги утврди критериумите, динамиката, критериумите за избор на членовите на комисијата која ќе го спроведува и останатите аспекти – додава таа.

Моменталната состојба во МВР

Бројот на вработени во МВР е над десет илјади, а работната група досега презела одредени чекори за скенирање на состојбата. Ги информирале вработените во Министерството, ги посетиле речиси сите сектори за внатрешни работи, а тие што не ги посетиле ќе ги посетат во наредните неколку недели за да ги информираат за каков процес станува збор.

– Во моментот испитуваме каква е сегашната состојба во Министертвото за да можеме да процениме во која насока треба да одиме во проверките за сите три основи. За тоа каква е реалната сегашна состојба, немаме конечни резултати бидејќи немаме алатка како да ги провериме, но сигурно додека го подготвиме конечното законско решение ќе мора да имаме и такви податоци за да не одиме со скок во празно и да се соочиме со голем проблем кој ќе влијае директно на редовното и нормалното функционирање на МВР. Како еден од принципите што ги утврдивме е дека овој процес ќе биде добар за МВР, но никако не смее да влијае на неговата секојдневна работа – нагласи Дујовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...