Земјава и Албанија немаат алтернатива за членството во Европска Унија, а безбедноста на Западен Балкан значи и безбедност на Европа, оценија претседателите на двете земји Стево Пендаровски и Илир Мета на прес-конферецијата по денешната средба во Тирана, јави известувачот на МИА.
Албанскиот претседател наведе дека изборот на Пендаровски за претседател ќе придонесе за нова димензија во меѓуетничките односи во земјата, и за зајакнување на соживотот, што ќе има импликации и на зајакнување на добро соседските односи.
– На средбата го информирав мојот колега, претседателот Мета, за неодамна одржаната лидерска средба кај нас, на која утврдивме државен конзензус да се продолжи со европскиот пат, но и да се организираат предвремени парламентарни избори. Со албанскиот претседател се согласивме дека наша обврска како шефови на држави е да продолжиме да ги охрабруваме сите политички фактори во нашите држави да продолжат со спроведување на обвврските од европската агенда во интерес на нашите граѓани, како и да продолжиме да ги убедуваме европските лидери дека преговорите со земјите во регионот се вллог во стабилноста и просперитетот – изјави Пендаровски.
Мета посочи дека земјава има поддршка од Албанија на нејзиниот пат кон НАТО.
– Земјата сигурно чекори кон членството во НАТО и тоа ни причинува задоволство бидејќи покажавме искрена поддршка за овој регион да ги зајакне безбедносните параметри за да се исполнат сите заложби од Охридскиот договор, бидејќи тоа е важно прашање во сите аспекти не само за зајакнување на соживотот туку и на самата ЕУ перспектива на земјата – посочи Мета.
Пендаровски наведе дека денешната средба со Мета се одвива во вонредни услови откако пред една недела двете земји не ги почнаа пореговорите со ЕУ. Тој потенцира дека и покрај тоа „единствен пат е членството во ЕУ, а секоја друга идеја е неприфатлива“ и поради тоа „треба да бидеме поуверливи во нашите реформи и трансформации“.
Пендаровски на средбата со Мета предложи земјите од Западен Балкан да одржат Самит на кој ќе се дискутира за проширувањето, добрососедските односи, и при тоа да се отфрлат идеите за алтернативи за евроинтеграцијата.
Претседателот Пендаровски предложи и иницијатива за формирање на неформална група за македонско-албанско пријателство, која покрај зајакнување на врските помеѓу политичарите и бизнисмените, ќе биде фокусирана на младите.
На средбата разменети се информации за положбата на македонската заедница во Албанија и на албанската во Северна Македонија кои се фактори на зближување и збогатување на соработката.
Мета од своја страна наведе дека го уверил Пендаровски за заложбите за целосна интеграција на македонското малцинство во Албанија.