Трамп за истрагата за работата на Малер: Треба да „се истражат истражителите“

Не можам да ви кажам што се случува, но ќе ви кажам само дека ќе видите страшни работи. Многумина знаат дека се во проблеми бидејќи биле нечесни, изјави Трамп.

80

Американското Министерство за правда отвори кривична истрага за тоа како беше почната истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за руското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година, а новата истрага се појави по интерната ревизија на министерството за „корените“ на истрагата на Малер, која беше завршена во март годинава.

Претседателот Доналд Трамп со месеци наназад повикуваше на „истрага за истрагата“, тврдејќи дека таа беше не само „лов на вештерки“, туку и нелегална, пренесува Гласот на Америка.

Федерален обвинител, кој од мај спроведуваше ревизија на истрагата на Малер, сега добил овластувања да води кривична истрага, што значи дека ќе може да издава задолжителни повици за сослушување и да свикува голема порота.

Ревизијата во мај ја побара министерот за правда, Вилијам Бар, кој изрази сомнеж во мотивите за отворање на истрагата на ФБИ за можна координација на изборниот штаб на Трамп и Русија.

Критичарите на Трамп остро го осудија отворањето на кривичната истрага, пред сите, конгресмените Џери Недлер и Адам Шиф, кои во заедничко соопштение оценуваат дека на владеењето на правото ќе му биде ненасена ненадоместлива штета доколку Министерството за правда се искористи како средство за политичка одмазда или за помош на претседателот пред следните избори.

Претседателот Трамп изјави дека не е запознаен со деталите од истрагата, но дека треба да „се истражат истражителите“.

– Не можам да ви кажам што се случува, но ќе ви кажам само дека ќе видите страшни работи. Многумина знаат дека се во проблеми бидејќи биле нечесни. Се му препуштам на Министерството за правда и на луѓето кои работат со него, а кои јас не ги познавам, но мислам дека ќе видите работи во кои никој не ќе може да верува. Ова е најлошата измама во историјата на нашата земја – рече Трамп.

ФОТО: EPA-LUDOVIC-MARIN-POOL

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...