Вилсон: Колку повеќе земјата ќе личи на Европа, толку повеќе ќе ги засрами европските лидери

Дејмон Вилсон, извршен заменик-претседател на Атлантскиот совет деновиве учествуваше во Охридскиот дијалог организиран од премиерот Зоран Заев и Атлантскиот совет.

353

Тука сме да го поддржиме успехот на земјата на нејзиниот пат кон НАТО, но и да помогнеме, да ги презентираме насоките во кои треба да се движи земјата, да ја одредиме стратегијата како да се продолжат реформите и транформацијата однатре, за потоа дебатата да ја префрлиме во Европа и во САД. Колку повеќе земјата ќе личи на Европа, толку повеќе ќе ги засрами европските лидери што ја држат Македонија пред портите. Тоа е рецептот, пораката е – не отстапувајте, продолжете со реформите напред, бидете агресивни во напорите за зајакнување на демократските вредности, притискајте ги властите на одговорност за промоција на владеењето на правото, работете на економските капацитети за да ги задржите младите, да ја гледаат своја иднина тука.

Ова е пораката што ја изнесе Дејмон Вилсон, извршниот заменик-претседател на Атлантскиот совет, во интервјуто за МИА од Охрид, каде што учествуваше во Охридскиот дијалог организиран од премиерот Зоран Заев и Атлантскиот совет.

Господине Вилсон, за почеток да појасниме што е Атлантскиот совет, која е неговата улога, што се целите на активностите на советот?

– Сметам дека е важно да се разбере што е тоа Атлантски совет, оттаму што е нешто доста посебно, има своја душа, цел, навистина произлегува од американската трагедија што настана по повлекувањето на САД од Европа по Првата светска војна, што подоцна доведе до големи американски жртви во Втората светска војна. Лидерите од администрациите на Труман и Ајзенхауер седнаа да создадат нешто фундаментално поинакво и трајно да го задржат американското присуство во Европа имајќи предвид дека стабилноста на Европа е важна за интересите на САД. Стабилна и безбедна Европа значи дека САД нема да мораат да влегуваат во нови воени конфликти, а истовремено ќе создаде перспективи за непречен развој за сите. Тоа е формулата. Но, за тоа да се реализира, таа политика, беше наметната потребата од формирање тело какво што е Атлантскиот совет, создадено со цел САД и нејзините сојузници да креираат подобра заедничка иднина. Тоа е она што сме ние, не сме само советодавно тело што истражува, туку субјект што верува во тоа како да се галванизира конструктивното американско присуство во светот, да работи со своите пријатели во креирањето подобра иднина за сите. Токму затоа имаме стратегиски јасна позиција кога е во прашање Балканот, преку поддршка на оние што се подготвени да спроведат тешки одлуки во трансформацијата на нивните општества. Тука сме да ги поддржиме аспираците на земјите како Северна Македонија во трансатлантското семејство. Атлантскиот совет учествува во креирањето на политиката на САД во светски рамки, со особен акцент на соработката со Европа и Западниот Балкан.

Која е агендата на Атлантскиот совет од аспект на справувањето со современите форми на предизвици и закани по безбедноста?

– Советот има мошне јасна агенда. Нашите сопствени истражувања и анализи во рамките на Атлантскиот совет укажуваат дека светот се наоѓа во фаза на драматични транформации. Ова е мошне уникатен миг во историјата, одлуките што ќе ги донесеме сега ќе ја креираат иднината. Го идентификувавме моментот како доста ризичен, глобално постои тренд на раст на автократски режими, несигурност прикриена зад отворените пазари во демократските општества. Повторно на сцената се враќаат големи сили, а со тоа и по подолго време и потенцијалот од нови големи конфликти. Рамката на меѓународниот поредок базиран врз демократските вредности се соочува со предизвици наметнати од технолошкиот напредок, големиот импакт што тој го има врз луѓето, нашите општества. Тука би го спомнал и дефицитот на лидерство, како и заканите што произлегуваат од сферата на животната средина. Тоа се прашањата што ги дефинираат позициите на нашата агенда. Проблемите нѐ тераат на акција, да креираме стратегија како да се справиме со предизвиците, како да ја одбраниме демократијата, како да го преформираме глобалниот систем во согласност со нашите интереси и вредности. Како да ја насочиме таа конкуренција што се јавува меѓу големите сили кон услови во кои предност ќе имаат слободните општества, како да ја искористиме технологијата за добри нешта, да креираме глобално лидери кои ќе креираат оджлив развој… Сите тие прашања ја дефинираат агендата на Атлантскиот совет и начинот на кој ние ќе дејствуваме.

Какви се вашите проценки за безбедносната ситуација на Балканот, особено за Македонија, со оглед на претстојниот прием на земјата во НАТО, но и француското „не“ за почеток на преговорите за членство во ЕУ?

– Да бидеме начисто. Северна Македонија се движи низ извонреден историски процес на цементирање на својата сувереност, независност, на закотвување на својата стратегиска определба да биде дел од Западот. Има забавување на процесот на нејзиното евроинтегрирање, беше направена грешка во Брисел, тоа е разочарувачко. Но, во основа нема никаква промена. Она што се случува сега е голем историски процес, земјата ја зацврстува својата позиција на интегрирање кон Запад, а тоа го прави преку отвореноста на општеството, позитивните демократски процеси, враќањето на владеењето на правото, отворање кон нови економски можности. Одлуката на Сенатот на САД да го поддржи приемот на Македонија во НАТО е мошне, мошне голема работа. Тука бев и во она време на конфликтот кога земјата беше соочена со опасност од граѓанска војна, поделби, уништувања. Земјата мина тежок пат, но сега е пред вратата на НАТО. Нејзината сувереност, безбедност е дефинирана. Таа ќе биде дел од нашето семејство, од НАТО. Ќе биде дел и од ЕУ, тоа ќе се случи порано и подобро отколку подоцна, сметам дека земјата го заслужува тоа. Членството во ЕУ ќе се случи, мора да се признае дека тоа не е до Северна Македонија, повеќе тоа е наш проблем, на САД, на Британија, Европа… Западните демократски општества во моментов се соочуваат со своевиден популистички отскок. Не треба да чуди кога во услови на несигурност за иднината на ЕУ една од членките ќе рече дека е време за пауза. Тоа не е добро за Северна Македонија, не е правилно. Моментално во светски рамки се создава ситуација на борба на слободните општества со авторитарните клептократии. Враќањето на политиката на големи сили создава поделеност, луѓето сами треба да изберат дали ќе живеат во општества во кои власта одговара пред нив и ги брани нивните интереси или ќе изберат автократски власти во кои економијата ја води корумпирана клика. Тоа е таа борба со која се соочуваме денеска. Тука постојат различни модели, Русија, Кина, токму во тој контекст е јасно каде се наоѓа Македонија – во друштвото слободни општества. Оттаму разочарувачка е одлуката на ЕУ, но на тоа треба да се гледа како на своевидна отскочна штица. Стратегиската насока е силна, стратегиската позиција на Македонија е јасна, така што ќе стигнеме таму, ниту во еден миг не се сомневаме дека земјата ќе биде дел од ЕУ. Токму затоа Атлантскиот совет има јасна програма за Балканот, посветени сме на идејата на поддршка на лидерствата што се решени да ги трансформираат своите земји, а за возврат да им ги отвориме вратите на нашите институции. Не земаме ништо здраво за готово затоа што на сцената во регионот е присутно руско влијание, опасна игра независно дали се работи за дезинформации какви што видовме непосредно пред ЕУ-одлуката како манипулираа со изјавата на Никола Димитров, начинот на кој се извади од контекст ситуација во Србија, уште поопасно сценариото за преврат во Црна Гора. Од друга страна, убеден сум дека таквите предизвици и стратегии на попречувања дополнително ќе ни помогнат во изградбата на зацврсната, потрајна иднина.

Кои се главните безбедносни закани по регионот, имајќи ги предвид последните случувања во Турција, дали може да се очекува нов наплив на бегалци по балканската маршрута, со оглед на ситуацијата во Сирија, особено по повлекувањето на американските трупи од жариштето?

– Се разбира дека ова се опасни времиња, на сцена се големи тектонски геополитички прегрупирања. Делумно затоа ништо не земаме здраво за готово, сакаме да ја завршиме работата тука во Северна Македонија, уште повеќе што не можеме да знаеме што може да се случува по три, шест, 12 месеци. Силната позиција на Северна Македонија во НАТО, нејзината иднина во ЕУ тоа не значи просто само розова иднина, но секако е основа што гарантира безбедност. Тектонските поместувања се случуваат, ќе се случуваат работи што се многу поголеми од овој регион, иако ниту тој нема да биде поштеден. САД се решени да ја задржат својата улога во светот, силно верувам во американскиот ангажман глобално. Гледаме што се случува во Сирија, тука се предизвиците пред кои е изложена Турција, дел од она што треба да го направиме е да го зајакнеме сојузништвото внатре во Алијансата, на долг рок. Ќе имаме различности во ставовите, мислењата, но мораме да се држиме до конструкцијата што нè држи заедно. Ќе има несакани последици од ситуацијата во Сирија што директно ќе ја засегнат и Европа, сметам дека постои опасност од нови мигрантски бранови, дали од ситуацијата во Сирија, но и во подалечна иднина доколку се следат мигрантските движења. Потрагата по подобар живот на луѓе од Африка и регионите блиску до Европа ќе значи дополнителен притисок врз континентот, секако и врз Балканот. Мора да работиме на зајакнување на капацитетите за заедничко справување со предизвиците.

Кој би бил вашиот совет и порака до властите во земјата, што е главното што го претставивте тука во рамките на овој Охридски дијалог?

– Тајмингот на оваа средба беше утврден доста порано, но ете се случи Охридскиот дијалог да се одржува во важен миг кога земјата е исправена пред отворени прашања што поттикнуваат несигурности, ова е време кога имате потреба од пријатели. Тука сме да го поддржиме успехот на земјата на нејзиниот пат кон НАТО, но и да помогнеме, да ги презентираме насоките во кои треба да се движи земјата, да ја одредиме стратегијата како да се продолжат реформите и транформацијата однатре, за потоа дебатата да ја префрлиме во Европа и во САД. Колку повеќе земјата ќе личи на Европа, толку повеќе ќе ги засрами европските лидери што ја држат Македонија пред портите. Тоа е рецептот, пораката е – не отстапувајте, продолжете со реформите напред, бидете агресивни во напорите за зајакнување на демократските вредности, притискајте ги властите на одговорност за промоција на владеењето на правото, работете на економските капацитети за да ги задржите младите, да гледаат своја иднина тука. Македонија може да биде модел за мултиетничка соработка што толку му е потребна на регионот. Она што се случи во Брисел не гледајте го како причина за отстапување, туку гледајте на тоа како на мотивација за докажување. Следете го примерот на балтичките држави, кои спротивно на нашиот скептицизам, нè засрамија со своите капацитети, нивниот напредок. Суштината е важна, не е сè само гола политика… Имаме работа што треба да ја завршиме во Париз, тоа не беше одбивање на Северна Македонија, туку повеќе самокритицизам, потреба да сработиме малку повеќе на заедништвото. Оттаму мојот совет тука би бил да останеме паметни, трезвени, посветени на реформите и да направиме сѐ за да успееме. Имаме доста инвестирано во оваа земја, во нејзиниот успех, во нејзината иднина. Ние сме пријатели на долг рок, луѓето што се тука на Охридскиот дијалог се ваши пријатели две децении наназад, ќе бидеме тука и во иднина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...