За близу една третина од шумите, пасиштата и другото земјиште што го поседува државата нема имотен лист бидејќи не е запишано во Катастарот. Ова денеска го соопшти директорот на Катастарот, Борис Тунџев на средба со новинарите.
– Пред две години 156.258 хектари под шума пасишта….сопственост на Република Македонија немаа имотен лист. Од нив 76.729 хектари е во општини каде што има катастар на недвижнини, а 80.521 хектар се во катастарските општини со пописен катастар за што не може да се издаде имотен лист. Изминатите две години интензивно работевме на ова прашање и сега е запишан 76 отсто од имотот на Република Македонија – рече Тунџев.
Тој појасни дека главна цел на Катастарот во изминатите две години била да се запише имотот на државата со цел да се одбегнат малверзациите, но и да се обезбедат точните податоци со каков имот располага државата за да се овозможат точни статистички податоци и да се планираат идните потези во однос на издавање под закуп или концесија.
Тунџев најави дека до крај на годината ќе биде запишан целосно државниот имот за кој е утврдено дека нема имотен лист.