Пендаровски за грчка ТВ Алфа: Исходот од Брисел беше шок за сите

Претседателот Пендаровски објаснува дека она што ќе биде на чекање сѐ додека не почнат пристапните преговори со ЕУ е делот што се однесува на внатрешната и надворешната коресподенција и употребата на новото име.

1817
Фото: МИА

Навистина беше шок за сите, не само за мене и за народот, туку и за целата политичка елита, вели претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за грчката телевизија „Алфа“.

Тој додава дека на лидерската средба одржана во неделата, сите партии, без разлика дали се од власта или опозицијата биле со исти чувства и став – „Испорачавме сѐ што ни беше побарано и одеднаш Европската унија ни вели уште не сме подготвени“.

– Од 2009 во сите извештаи на Европската комисија и потоа во сите коминикеа од Европската Унија велеа дека постои само едно нерешено прашање, долгогодишниот спор за името меѓу нас и вашата земја. Го решивме тоа со Договорот од Преспа и одеднаш Европската Унија ни вели ние не сме подготвени, бидејќи пред тоа треба да направиме некои внатрешни реформи. Тоа не беше искрено, ниту праведно за сите што се длабоко инволвирани во овој процес. Сето ова, Договорот од Преспа, сите реформи, но Преспа на прво место е поради Европа. Ние сакаме да бидеме дел од Европската Унија. И одеднаш никаде не ја гледаме Европската Унија. Никаде ја нема Европската Унија – вели Пендаровски, пренесе МИА.

Претседателот Пендаровски објаснува дека она што ќе биде на чекање сѐ додека не почнат пристапните преговори со ЕУ е делот што се однесува на внатрешната и надворешната коресподенција и употребата на новото име.

– Вие видовте дека новото име на земјата е во нашиот внатрешно-правен поредок и ќе остане, а она што ќе почека извесно време се до почнувањето на преговорите со ЕУ е она што е наведено во една одредба од Договорот а тоа е дека како што ќе напредуваме во отворањето на одредени поглавја од законодавството на ЕУ во рамки на тој процес, внатрешната, но и целокупната надворешна кореспонденција на нашите соодветни министерства треба да биде во таа конкретна област со новото име. На пример, ако ги отвориме поглавјата за екологија или животна средина, тогаш Министерството за животна средина во Скопје ќе започне да го употребува новото име во својата целокупна кореспонденција на надворешен но и на внатрешен план, не пред тоа. Но сето тоа се однесува за специфични сфери. Говорејќи за целиот пакет, веќе го имплементиравме новото име во внатрешноста и би можел да кажам дека тоа за нас беше најтешкиот дел од Договорот од Преспа – истакнува Пендаровски.

Тој посочува дека за неколку месеци земјава ќе влезе во НАТО и тоа е благодарение на Договорот од Преспа.

– За луѓето што и тука и таму се скептични, да повторам уште еднаш Договорот од Преспа беше главна причина зошто државите членки на Северно-атлантската алијанса рекоа „да“ за наше членство. Ако не во ноември или во декември, тогаш сигурно во првите четири месеци од 2020 ќе бидеме полноправна членка на НАТО алијансата и тоа е директен производ од Договорот од Преспа – додава претседателот во интервјуто за грчката телевизија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...