Муцунски за ТВ „Скај“: Јас сум Македонец од Македонија, ниту еден граѓанин нема по своја волја да го користи новото име

1241

Ви гарантирам дека не само додека сум жив, туку и многу подоцна, ниту еден граѓанин на оваа земја нема по своја волја или природно да го користи новото име, вели меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во интервјуто за информативната емисија „Апотипома“ на грчката телевизија „Скај“ и порачува дека тој е Македонец од Македонија, jави дописничката на МИА од Атина.

Муцунски говори за политиката што ВМРО-ДПМНЕ како влада би ја следела во однос на Договорот од Преспа, за можноста одново да има промена на името, упатува критики до актуелната власт, но и објаснува дека тие како партија сметаат дека нема директна поврзаност на Договорот од Преспа со интеграцијата на земјата во ЕУ.

– Ви гарантирам дека не само додека сум жив, туку и многу подоцна, ниту еден граѓанин на оваа земја нема по своја волја или природно да го користи новото име. Ова, како што кажав, произлегува од основното право за самоопределување, но исто така и од фактот што никој не може да го оспори тоа што сум. Јас сум Македонец од Македонија. И мислам дека ниту културно, ниту лексички или на било кој друг начин или било која друга форма, ова би се сменило во оваа земја – вели Муцунски на прашањето на новинарот дали уште го користат името Македонија.

Во однос на тоа дали како влада би го почитувале Договорот од Преспа или би се обиделе да го променат, меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ вели дека преку членството во ЕУ би можеле одново да се отворат одредени прашања како што е она за самоопределување.

– Ние секогаш велиме дека постојат два аспекти. Првиот е математичкиот аспект и да се отвори Договорот од Преспа и одново да се разгледа содржината и правните импликации во земјата, за кое што е потребно двотретинско мнозинство во нашиот систем. Тоа е хипотетички со што тешко е да се одговори на вашето прашање, бидејќи ако постои, да, тогаш постои оваа можност. Вториот аспект е политички. Ние често аргументираме дека приоритетот на оваа земја, со формирањето на новата влада, би било ставање на Македонија на брза лента кон членство во ЕУ. А потоа и одново отворање на овие прашања, прашањето за самоопределување кое што е целосно негирано од Договорот од Преспа – вели Муцуснки во интервјуто и додава дека е многу полесно ќе биде „кога си дел од клубот, кога си рамноправен член со другите држави членки на ЕУ“, објаснувајќи дека од правен аспект, постојат можности, но тоа многу ќе зависи од исходот на самите избори.

Прашан за тоа дали би можело да има одново промена на името, Муцунски коментира дека „многу работи се случуваат во глобалната политика, за да се каже дека тоа е невозможно“. Додава дека потребна е волја и силна решителност, но и да се најде правен пат.

Во интервјуто за емисијата на ТВ „Скај“ емитувана доцна синоќа, тој ја повторува позицијата дека партијата беше и останува против Договорот од Преспа, вели дека се однесува на минатото а не на сегашноста, но и дека содржината на договорот е ретроградна.

Паралелно упатува критики и до владата дека во изминатите три години е фокусирана само на надворешната политика, а не на важните прашања за народот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...