Американскиот произведувач на авиони Боинг денеска вети дека во иднина ќе спречи дефекти од оној вид кои предизвикаа уривање на нивни авиони во Индонезија и Етиопија, во кои загинаа над 300 луѓе.
Соопштението на Боинг доаѓа откако Одборот на Индонезија за безбедност на сообраќајот денеска го објави конечниот извештај за тамошната несреќа.
Индонезиската истрага откри дека авионот на „Лајонер“, кој пред една година се урна со 189 патници и екипаж, се урнал поради комбинација на пропусти во конструкцијата на авионот, проблеми со обуката на екипажот и неадекватно одржување.
Во извештајот се истакнува дека тој авион, на летот од Џакарта до островот Суматра изгубил висина бидејќи на пилотите не им било кажано колку брзо мора да реагираат на дефект на автоматизираниот систем за контрола на летот „Боинг 737 макс 8“. Извештајот идентификува и повеќе погрешни чекори на екипажот пред уривањето.
Претседателот и диркетор на компанијата Боинг Денис Мојленбург изјави дека таа компанија ги разгледува препораките од Одборот за безбедност и работи на зголемување на безбедноста на авионот од серијата „737 макс“ за да се „спречи некогаш да се повторат условите за управување со летот кои се случија пред таа несреќа“.
Мојленбург дополни дека тој модел на авион и неговиот софтвер се „под надзор на властите, испитувања и анализа без преседан во светот“.